Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ опширно зборуваше за скандалот со допинг на Јаник Синер претходно оваа година. Италијанецот беше суспендиран три месеци откако беше позитивен на тестот за забранетата супстанција клостебол.
– Тој случај со допинг е облак што ќе го следи, исто како што ме следеше мене облакот околу ковидот, до крајот на неговата кариера. Кога ќе се случи тоа? Ќе исчезне со текот на времето, но не мислам дека ќе исчезне некогаш. Секогаш ќе има одредени групи луѓе што ќе го истакнуваат тоа. Гледате, го познавам Јаник уште кога имаше 13-14 години. Првиот тренер што работеше со него во тие клучни години беше и мој, Рикардо Пјати. Тренирав многу во академијата на Пјати во Италија и вежбав со Синер кога сè уште беше јуниор. Тој беше како мене: слаб, висок, порасна на скии, на планини… Значи, многу слична приказна со мојата. Кога се случи, бев шокиран, искрено. Навистина не мислам дека го направил тоа намерно, но начинот на кој беше решен целиот случај има голем број црвени знамиња. Недостигот на транспарентност, недоследноста, времето на казната помеѓу гренд слем турнирите за да не ги пропушти, знаете, беше многу, многу чудно. Навистина не ми се допаѓа како беше решен случајот, а можевте да чуете толку многу други играчи, мажи и жени што биле во слична ситуација и што се жалеле во медиумите – кажа Ѓоковиќ.
Иако уште еднаш нагласи дека верува во невиноста на Синер, додава дека тоа не го ослободува од одговорност и дека не е соодветно казнет.
– Сакам да верувам дека не го направил тоа намерно, но секако дека е одговорен. Тоа се правилата, одговорен си кога ќе се случи нешто слично. Кога ќе видиш дека е казнет некој со години за нешто многу слично или исто, а Синер доби околу три месеци, едноставно не е во ред. Очигледно е дека не му е лесно и имам чувство на емпатија и сочувство со него и мислам дека ги издржува медиумските бранови што се враќаат одвреме-навреме. Се справува многу добро, зрело и трпеливо. Браво за тоа! Дефинитивно не е лесно. Во средината на сè, тој игра неверојатно и освојува гренд слем титули – заклучи Ѓоковиќ.












