MOT вечерва продолжува со „Вишновата градина“ на Милчин

30

Театарскиот фестивал MOT вечерва, 26 ноември (петок), во 20 часот, продолжува со претставата „Вишновата градина“ на Турскиот театар, во режија на Владимир Милчин, а која ќе се изведе во Театар Комедија.

– „Вишновата градина“ денес е драма за транзицијата, за неподносливата леснотија на
пропаѓањето на општеството и цивилизацијата. Алчноста на новозбогатените криминалци безмилосно го уништува човештвото уништувајќи ја неговата колевка, Земјата, уништувајќи ја природата и сè што живее во неа. Она што вџашува е немоќта на луѓето да се противстават, да ја одбранат културата и природата, да ги одбранат вредностите на цивилизацијата пред новите варвари. Прогресот не е гарантиран. Тркалото на историјата стигна до пролетерската револуција, но од неа се изроди новата класа манипулатори чија алчност не знае за граници. „Вишновата градина“ е сценска минијатура во најубавото значење на зборот, во нејзините камерни димензии се содржи трагедијата на светот во кој живееме, ќе посочи режисерот Владимир Милчин.

„Пиеса за залудноста, бескорисноста и јаловоста на аристократијата во напорот да го зачува својот статус, но и пиеса за буржоазијата во напорот да му даде значење на својот новооткриен материјализам сведен на алчност и варварство. Објавена 1903, со максимална прецизност ги опишува и состојбите денес“.