Летото, кое наскоро ќе го испратиме, донесе голема „миграција“ на НБА-играчи во Европа.

Евролигата не можеше да посака поатрактивен маркетиншки потег од оној што го направија клубовите учесници на елитното европско натпреварување. Дефинитивно нема подобра реклама за лигата од тоа да ја наполните со елитни кошаркари од НБА, па затоа конкуренцијата ќе биде уште како жестока.

За разлика од минатите години, ова лето бевме сведоци на многу трансфери, на играчи што решија да ја заменат НБА со Евролигата. Оттука, иако само на хартија, претстојната сезона во Евролигата, можеби, ќе биде најатрактивна откако се игра.

Евролигата, се чини, полека се движи кон шемата кон која се стреми со години, а тоа е да стане „европска НБА-дивизија“, да функционира во бизнисот и маркетингот по тој добро воспоставениот и профитабилен шаблон од САД, а предуслов за такво нешто е присуството на голем број ѕвезди, исто како во најсилната лига.

Рака на срце, Саша Везенков не е Леброн Џејмс, ниту Еван Фурние – Стеф Кари, но за европски стандарди, овие двајца играчи, како и голем број од оние што летово се вратија во Евролигата, а имаат солидни НБА-резимеа, може да биде нов почеток на европското натпреварување.

Исто така, не треба да ја потцениме важноста на домородците од Евролигата, оние што се веќе таму и се лидери во лигата, кои, без сомнение, ќе продолжат да му даваат белег на натпреварувањето и, заедно со новодојдените ѕвезди, да ја направат оваа сезона навистина спектакуларна.

Мајсториите на Милош Теодосиќ, Шабаз Нејпир, Мајк Џејмс, Факундо Кампацо, Кендрик Нан, Никола Миротиќ, Немања Недовиќ и на другите гарантираат одлична кошаркарска забава, која ќе започне наскоро.