Високи поранешни функционери мобилизираат луѓе на терен за манипулација и се обидуваат да испровоцираат етнички конфликт, истакна вчера премиерот Христијан Мицкоски, кој веќе во неколку наврати во јавноста излезе со тврдење дека ДУИ има план за дестабилизација на Македонија наесен. Мицкоски денеска изјави дека има индиции за лица, кои располагаат со милионски суми, а дел од нив биле високи функционери во поранешни влади, кои се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен со цел да се дестабилизира меѓуетничката хармонија во земјава. Премеирот рече дека порано или подоцна сторителите на овој тип на провокации ќе одговараат и упати молба до јавноста да го задржи трпението.
-Имаме индиции за елементи, кои што располагаат со огромни милионски суми на пари, дел од нив се високи функционери во поранешни влади и кои што се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен, во најголем дел да манипулираат и она што мене особено ме загрижува е тоа што се обидуваат да провоцираат етнички конфликт, односно да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во Македонија. Тоа е она кое што најмногу ме вознемирува бидејќи сфаќаат дека на друг начин тие не може да мобилизираат луѓе и сега единствениот начин е да испровоцираат ваков тип на конфликт. Тоа нема да го дозволиме. Апелирам и до јавноста и до медиумите и до граѓаните да се воздржат од какви било провокации, да ги игнорираат, изјави Мицкоски одговарајќи на прашање во врска со тврдењата за дестабилизација на државата.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, пак, во интервју за „Фокус“ вели дека на ВМРО и на ДУИ им одговараат наративите на меѓуетнички конфликт и дестабилизација. Оваа стратегија на подигање на меѓуетничката тензија, вели Филипче, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја спроведуваа пред изборите, а сега повторно ја враќаат во игра. Според него, ако се земе предвид дека ДУИ му даде поддршка на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за реорганизација на министерствата, без кои не можеше да се формира влада, тогаш не би се чудел целата работа да е договорена стратегија меѓу двете партии.
-Што ДУИ ќе прави и кои се нивните планови е нивна работа и политичка одлука. Доколку институциите имаат какви било информации за нарушување на стабилноста на државата мора итно да дејствуваат, но тоа гледаме дека не се случува. Освен секојдневните прес-конференции на ВМРО-ДПМНЕ, ниту Мицкоски, ниту кој било друг од владата не почна истрага или презема нешто конкретно. Претседателката Силјановска воопшто не е запознаена со овие најави, Советот за безбедност не е ни формиран, а среде таканаречена дестабилизација, премиерот заминува на одмор. Би рекол дека ова е крајно неодговорно политичко однесување на власта, ако не се знае дека, сепак, ова е само една добро препознаена тактика за манипулација и дефокусирање, вели Венко Филипче во интервјуто и додава дека СДСМ не е, ниту некогаш ќе биде дел од вакви игри, уште помалку од каква било дестабилизација и дека нема да дозволи партијата да биде „вовлечена во таквите нечесни игри на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски“.
Во однос на тоа дека предупредувањата за т.н. дестабилизација доаѓаат во контекст на иницијативите на Европскиот фронт за озаконување на принципот „победник со победник“ и за територијална реорганизација на државата по белгиски модел, лидерот на СДСМ го повтори својот став дека не поддржува озаконување на тој принцип и дека постојните законски и уставни одредби соодветно ги дефинираат сите аспекти за избор на влада.
-Постизборните коалиции треба да се прават на база на усогласувањата на програмите и идеолошката позиција на партиите, а не да се условуваат по принципот „победник со победник“ во законска регулатива. Право на секоја партија и политички субјект е да избере коалициски партнер, пред или по изборите. Најавите за некаква територијална реорганизација, според мене, се исто така дел од таа поширока стратегија за подигање на етничките тензии и окупирање на просторот со вакви теми. Такво нешто не може да добие поддршка од ниедна партија, најмалку од СДСМ. Сметам дека тоа е за дневнополитичките потреби на ДУИ и нивно факторизирање, вели Филипче во интервјуто за „Фокус“.
Премиерот Мицкоски пред десетина дена изјави дека има информации добиени од повеќе канали, дека раководството на Демократската унија за интеграција, во обид да го заштити капиталот којшто го создаваше изминативе 20-22 години, есенва ќе презема чекори во насока на дестабилизирање на државата. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги потврди вакви информации и истакна дека граѓаните треба да бидат запознаени со сите факти коишто се од интерес за јавноста, но не треба да бидат загрижени за безбедносната состојба во Македонија, затоа што МВР и останатите институции ќе одговорат соодветно во рамки на законските надлежности.
Од СДСМ бараат премиерот да ги сподели информациите со надлежните институции, Обвинителството да го викне на сослушување, а претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да го свика Советот за безбедност.
Од ДУИ, пак, иако најавија дека ќе организираат протести пред Владата, сметаат дека изјавите на премиерот за дестабилизација на државата се неосновани и повикаа сите политички партии да ги испитаат сите јавни функционери, со меѓународна помош. Интегративците истакнаа дека ангажирале странски експерти, за да подготват законско решение со кое секоја идна Влада ќе се формира на принципот победник со победник од македонската и од албанската етничка заедница. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ побараа и од СДСМ и од ДУИ да кажат кој е планот за дестабилизација и што е целта.