Мицкоски го чека мандатот

ПРЕГОВОРИТЕ ЗА НОВА ВЛАДА ВЛЕГОА ВО ФИНИШ

111

Следната недела претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе му го довери мандатот на актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар, Христијан Мицкоски, за формирање на влада по парламентарните избори на 8 мај.

Рокот од 10 дена за доделување на мандатот на партијата, која освои најмногу мандати, почна да тече во вторникот откако Македонија доби ново собрание и нов собраниски спикер, а шефицата на државата е должна да го довери мандатот најдоцна до следниот петок, 7 јуни .

Согласно роковникот прво Африм Гаши како претседател на Собранието е должен да ја извести шефицата на државата Сиљановска дека е конституиран парламентот, а потоа таа треба да го довери манадатот.

Откако ќе го добие мандатот, Мицкоски ќе има дваесет дена да го претстави својот кабинет и програмата на владата пред пратениците.

Според најавите, Мицкоски не планира целосно да ги искористи роковите кои завршуваат најдоцна до крајот на идниот месец и новата влада би можела да биде изгласана до 20 јуни.

Во меѓувреме преговорите околу формирањето на влада на тимовите на ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата Вреди и движењето ЗНАМ влегуваат во завршна фаза и во секој момент се очекува да биде објавена како ќе изгледа распределбата на министерските места.

Инаку овие разговори кои ВМРО-ДМНЕ ги почнаа со Вреди се водат интензивно веќе две недели, а речиси нема ден во кој не се шпекулира и потоа се демантира за тоа кој и каде ќе биде назначен како министер.

Она што е сигурно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги добие најголемиот и најважниот дел од ресорите, а голем дел и Вреди, додека според шпекулациите ЗНАМ, ќе добие две министерства.

Спроти завршната рунда на преговорите кои би требало да завршат со договор околу формирање на Влада, извори од Вреди ни потврдија дека распределбата на министерските места е договорена и дека во тек се разговорите околу заменик-министерските места и директорските позиции.

Во распределбата на ресори влегуваат и трите нови министерства што ги вети ВМРО-ДПМНЕ во изборната програма: министерство за енергетика и рударство, за спорт и за дигитална трансформација. За ваква реформа во органите на управата, како и за редефинирање на уште неколку постојни министерства е неопходно двотретинско мнозинство во парламентот.

И додека преговорите се очекува да завршат во секој момент, Изет Меџити од коалицијата Вреди, за кого се шпекулира дека е договорено да му припадне вицепремиерски место во новата влада, во телевизиско гостување вчера објави дека се зголемува новото мнозинство со уште три-четворица пратеници од Европскиот фронт предводен од ДУИ. Меџити во изјавата не спомена имиња, но спомна дека се работи за пратеници од двете турски партии.

-Во „Европскиот фронт“, предводен од ДУИ, има и две турски партии, а турската заедница нема капацитет и потенцијал да остане четири години во опозиција, туку се гледа себеси во идната влада, изјави Изет Меџити за „A2 Си-ен-ен“, пренесе ИНА.

Ова не е првпат Меџити да излегува со изјави дека Вреди, кои имаат 14 мандати во Парламентот, се на чекор до зголемување на мнозинство со уште неколку пратеници од Европскиот фронт предводен од ДУИ кои имаат 18 мандати.

Но, Салих Мурат од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, партијата која е дел од Европскиот фронт, денеска ги демантираше изјавите на лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, дека неколку пратеници од оваа коалиција ќе преминат во новото владино мнозинство.

Мурат во телевизиско гостување изјави дека немало разговори за тоа да преминат во новото мнозинство и порача и дека воопшто нема потреба од такви разговори.

„Ние сме дел од Европскиот фронт и остануваме во Европскиот фронт. Сè друго е шпекулација. Вакви разговори никогаш немало и нема потреба да се прават. Ние сме победници во нашиот фронт и волјата мора да се почитува. ВЛЕН мора да одговори на нивните националистички изјави дека нивните гласови се чисти. Што значи ова, дека нашите не се чисти? Турци, Роми, Бошњаци, да не не сме ние граѓани на оваа држава?“, изјави Мурат за ТВ21.

Во меѓувреме и ДУИ кои не се согласуваат со активностите за состав на новата Влада на ВМРО -ДПМНЕ и Вреди, иако не кажуваат како ќе одговорат и денеска порачаа дека владата не е играчка во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.

(М.С.)