Meд и млеко на „Поречки фармер-2021“ во село Самоков

71

Викендов по втор пат се одржа манифестацијата „Поречки фармер-2021“. На оваа манифестација учествуваа 25 земјоделци и сточари од овој регион со свои производи, кои беа изложени на штандовите поставени на ракометното игралиште во село Самоков.

– На штандовите поставени на ракометното игралиште во село Самоков, беа изложени млеко и производи од млеко, костени, макала, мед и производи на мед, повеќе видови на сирења, поречки ајвар, лутеница, пинџур и сè што произведуваат жителите од 20 села во Поречијата, која досега беше малку позната по квалитетната храна, еколошки мед, првокласните костени и другите производи добиени од вредните жители од овој регион – изјави претседателката на оваа манифестација Цанка Џукоска.

Таа потсети дека оваа манифестација годинава била посетена и од страна на советник во Амбасадата на Република Словенија во земјава, од каде пројавиле интерес за поречките производи кои беа изложени на оваа манифестација, како и претставник од Министерството за земјоделство.

– Наша цел е со „Поречки фармер“ да ги сплотиме сите напредни земјоделци и сточари од Порече кои нешто произведуваат и така окрупнети да можат да се претстават со своите производи и надвор од овој регион. Овој пат беа застапени земјоделски и сточарски производи од 20 села, а за наредните години планираме нивниот број да биде зголемен и бројот на понудени производи уште побогат. Ќе го промовираме Порече како простор погоден за здрава еколошка храна погодна за сечие здравје – истакна Џукоска.

Инаку Џукоска, во село Заград, Порече, поседува 70 пчелни сандаци од каде добива првокласен сертифициран органски мед.