Кафеаните на Кејот „13 Ноември“ повторно го узурпираа просторот кој е наменет за прошетка на граѓаните.
Сопствениците поставиле маси и столчиња меѓу жардиниерите со дрвја и клупите за оние што сакаат да седнат и одморат, но и до самиот простор за тераси пред објектите кои тие си го затворија со стакло за да имаат поголем простор. Со тоа тие им го блокирале пристапот на сите пешаци што сакаат да седнат да одморат, но при тоа да не се во кафеана.
Овој простор кафеанџиите го добија уште во времето кога градоначалник на Град Скопје беше Петре Шилегов. Но, сега тоа не им е доволно, па извадиле маси и столови и на отворено, бидејќи во лето кога е топло, гостите не сакаат да седат внатре.
Вака беше и пред три години пред да биде уреден Кејот „13 Ноември“ кога летните тераси беа распослани по целата пешачка површина, па откако тој се среди, летните тераси беа организирани, унифицирани и лоцирани пред самите објекти.
Слична е состојбата и на „Боемска улица“ во Дебар Маало. И таму сопствениците на локалите буквално на калдрмата ги распослале масите и столовите и е оставен само минимален простор за движење.
Од Општина Центар информираат дека согласно своите надлежности, започнале со вонредни инспекциски надзори и контроли на правни субјекти што функционираат на територијата на општината, а коишто користат јавна површина за поставување на урбана опрема.
– Секторот за инспекциски работи на Општина Центар ги спроведува ваквите контроли, со цел спречување на поставување и отстранување на нелегално поставена урбана опрема. Правните субјекти што имаат поставено урбана опрема на јавна површина се должни да го усогласат своето работење, согласно одобрението што го имаат добиено од Општина Центар и Град Скопје – децидни се од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека сите правни субјекти што немаат соодветно одобрение за поставување урбана опрема на јавна површина ќе добијат глоби и казни од инспекциските служби на Општината.
(А.П.)