Во периодот од 16 до 22 септември, низ цела Европа се организираат активности што ги поттикнуваат граѓаните да размислуваат за одржлива урбана мобилност и за подобро користење на јавниот простор. „Гоу грин“, во рамките на одбележувањето на Европската недела на мобилност, која оваа година се фокусира на важноста на споделениот јавен простор, од 16 до 20 септември организира два уникатни настана во oпштините Кисела Вода, Гази Баба, Центар и Аеродром:
„Велобус“ – собирање на децата и родителите на велосипеди, тротинети и на ролери, кои ќе се движат кон училиштата и кон градинките. Велобусот ќе тргне 30 минути пред првиот училиштен час, од првата постојка и ќе помине низ населбите, застанувајќи на неколку велопостојки, од кои ќе ги земе децата и нивните родители, кои заедно ќе се повозат, низ населбите, до своите училишта и градинки. Ова е одличен начин да го намалиме метежот од возила, загадувањето и да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот.
Маалско дружење во населбите – меѓу 8:00 и 12:00 часот, по завршувањето на велобусот, ќе организираме маалски игри и активности на различни јавни простори низ општините. Ова е настан за сите генерации, каде што ќе се играат традиционални игри како школка, ластик, скокање јаже и ќе се одржат уметнички активности и настапи на локалните хорови. Целта е да се поттикне меѓугенерациската соработка и да се врати духот на заедницата во јавниот простор.
– Сите жители на општините и од Градот се поканети да учествуваат, без оглед на возраста и на интересите. Да ги вратиме маалската игра и дружењето на улиците и да покажеме дека јавниот простор е за сите нас – велат од „Гоу грин“.