Како што објаснува германскиот професор Карл Лаутербах, мутацијата омикрон може да биде „божикен подарок“ што дури може да го забрза крајот на пандемијата. Тој својата тезата ја поткрепува со фактот дека голем број мутации може да значат дека вирусот ја оптимизирал својата инфективност и сега би можел да биде помалку смртоносен, додавајќи дека тоа е во согласност со начинот на кој се развиваат повеќето респираторни вируси.

Новиот сој на коронавирусот – омикрон, може да се покаже како божиќен подарок, под услов да предизвика поблага клиничка слика, што може да го забрза крајот на пандемијата, тврди германскиот епидемиолог, професорот Карл Лаутербах. Тој оваа оптимистичка изјава ја даде откога јужноафриканските лекари објавија дека засега најновата варијанта на ковид-19 предизвикува помалку сериозни симптоми, како што се главоболки и замор, при што новиот сој не довел до хоспитализација или смрт на заразените.

Тој својата тезата ја поткрепува со фактот дека голем број мутации може да значат дека вирусот ја оптимизирал својата инфективност и сега би можел да биде помалку смртоносен, додавајќи дека тоа е во согласност со начинот на кој се развиваат повеќето респираторни вируси.

И професорот д-р Пол Хантер, германски експерт за заразни болести, ја поддржува оваа теза и смета дека високите нивоа на претходни инфекции и вакцини може да обезбедат заштита од новиот вид.

Нашиот искусен епидемиолог, професорот д-р Драган Даниловски, слично размислува и смета дека преку сојот омикрон, најверојатно ги гледаме последните „трзаи“ на короната на планетата. Тој укажува дека можеби е позаразен, но дава благи симптоми. Како што вели д-р Даниловски во иднина вирусот ќе се сведе на респираторна инфекција со значење аналогно на сезонскиот грип.

– Ризичните групи во иднина ќе треба да се вакцинираат не само против сезонски грип, туку и против ковид – смета професорот Даниловски.

Во однос на тоа дали треба да се преземаат нови рестриктивни мерки, доктор Даниловски тврди дека вирусите и нивните варијанти не ги почитуваат националните граници.

Искусниот микробиолог професорот д-р Никола Пановски укажува дека и оваа мутација порано или подоцна ќе пристигне во земјава. Тој укажува дека треба да бидеме внимателни пред божикните и новогодишните празници, кога ќе има раздвижување на нашата дијаспора при доаѓањето во земјава. Тој советува да сме внимателни за да не ни се случи нов бран како што беше летово со делта сојот.

Затоа професорот предлага навреме да се донесат превентивни мерки како што е училиштата да преминат на онлајн или комбинирана настава, по 22 или 23 часот да нема собирања на младите , а присуството во угостителски објекти да се редуцира на 30% исполнетост на капацитетот.

Светската здравствена организација (СЗО) пак го класифицира новиот вид на коронавирусот, омикрон, како „многу висок“ глобален ризик. Од СЗО велат дека научниците сè уште многу малку знаат како тој ќе влијае на текот на пандемијата.

-Сè уште немаме податоци дека омикрон е посмртоносен од делта сојот. Сепак, верувам дека појавата на омикрон е чекор наназад, што можеше да се избегне доколку луѓето беа доволно вакцинирани и доколку политичарите, кога требаше да ги слушаат лекарите и научниците, носеа валидни и навремени одлуки. Омикрон се појави бидејќи нема доволно вакцинација на населението во Јужна Африка. Очекувавме нова варијанта со повеќе мутации, а омикрон има дури 32 мутации. Природата уште еднаш покажа дека е попаметна од нас луѓето, бидејќи овој сој не можеше да се направи лабораториски, како што сега ќе кажат многу антиваксери, посочува д-р. Андреј Трампуж, специјалист по инфектологија и интерна медицина во болницата Шарите во Берлин, за „Слободна Далмација“.

Појавата на омикрон, смета професорот Трампуж, ќе влијае и на зголемување на процентот на оние кои треба да се вакцинираат за да се победи пандемијата.

(В.Ма.)