Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, утре ќе престојува во посета на државава, во рамки на која ќе одржи литургија на плоштадот „Македонија“ во Скопје, ќе има средба со државниот врв, со лидерите на верските заедници, со свештеници од Католичката црква и со нивните семејства, претставници на цивилното општество и на дипломатскиот кор.

Меѓу закажаните активности е и екуменска и меѓурелигиска средба на младите со папата Франциск, на која ќе може да присуствуваат сите млади од државава и од светот кои претходно се пријавиле и добиле влезница. Сите пријавени млади за оваа средба, во дворот на катедралата „Пресвето срце Исусово“ треба да пристигнат најдоцна до 14:30 часот.