Mеланомот во пораст, летово внимавајте со сончањето!

Не треба да се интензивира сончање во краток временски период како што е летниот одмор или викенд-сончање. Не се препорачува ниту користење на солариум, особено кај младата популација.

171

Во пресрет на годишните одмори лекарите препорачуваат внимателно со сончањето, да не се седи на плажите кога е најтопло од 12 до 17 часот. Според нив, тоа е единствениот начин да се заштитиме од ракот на кожата кој сè почесто се појавува во земјава, но и во светски рамки. На секои 10 до 15 години бројот на заболени се дуплира.

Внимателни при сончањето треба да бидат возрасните над 50 години, децата, лица со над 50 бемки и оние што имале меланом во фамилијата. Не треба да се интерзивира сончање во краток временски период како што е летниот одмор или викенд-сончање. Не се препорачува ниту користење на солариум, особено кај младата популација.

Меланомот е најсериозниот, најмалигниот карцином на кожата и слузниците. Се шири многу брзо по лимфен и крвен пат во другите делови на телото и тогаш неговото лекување е потешко, a исходот може да биде и фатален. Меланомот често не се препознава на прв поглед бидејќи тешко се разликува од обичните бемки или други бенигни тумори. Лекарите препорачуваат да се следат сите промени на кожата кај лицата постари од 40 години и доколку се забележи нешто сомнително да се консултира дерматолог.

Според податоците на Институтот за јавно здравје бројот на заболени од меланом е во постојан пораст и е еден од туморите со најголема експанзија. Во Македонија во 2017 година од меланом умреле 61 лица со стапка од 2.9 на 100 000 жители, од кои 40 се мажи, а 21 се жени.

-Иако постојат бројни фактори на ризик, ракот на кожата е обично предизвикан од УВ-зрачењето од сонцето. Прекумерна изложеност на ова зрачење е најчеста причина за сите форми на рак на кожата – потсетуваат од Институтот и појаснуваат дека има два главни вида на УВ-зрачење на кои сме изложени кои навлегуваат во кожата на различни длабочини.

Прекумерното изложување на сончевите зраци ќе почнат да ја оштетуваат ДНК и ткивото. Во најдобар случај, ова предизвикува предвремено стареење и брчки. Во најлош случај, ова доведува до трајно оштетување на кожата и, на крајот, до рак на кожата.

-Ограничената изложеност на сонце е корисна за сите. УВ-Б зраците стимулираат производството на витамин Д3, што е важно за добро здравје, правилен раст и цврсти коски. Сепак, само мала доза на сонце секојдневно е сѐ што е потребно- велат лекарите.

Според нив оштетувањето на кожата од сонцето е трајна. Додека изгорениците може да исчезнат, главните промени на кожата остануваат. Секој нареден период на продолжена изложеност прави повеќе штета на веќе ослабениот локален имун систем и генетски материјал на кожата.

Постојат три главни видови на УВ зраци од сонцето. Најопасните УВ-Ц зраци комплетно се апсорбираат од страна на озонската обвивка. Останатите два вида, УВ-А и УВ-Б, имаат различен ефект врз човечкото тело.

 -Индексот УВ-зраци од сонцето има опсег од 1 до 11. Колку е повисоко нивото, толку е поголем ризикот од оштетување на кожата – објаснуваат од ИЈЗ.

 Во Европа од меланом најчесто заболуваат жените

Во Европа годишно заболуваат околу 14 лица на 100.000 население. Најчесто во Европа жените заболуваат од меланом почесто од мажите, додека во САД и мажите и жените заболуваат подеднакво.  Меланомот во последните години сѐ почесто се појавува кај помладата популација на возраст меѓу 25 и 44 години, многу ретко во пубертет.

Меланомот воглавно се појавува кај белата раса, додека кај црната и жолтата раса е доста редок. Најмногу е распространет во Австралија и земјите со големо ниво на сончево зрачење.

Заболените од меланом имаат поголем ризик од развој на друг примарен меланом во однос на останатите луѓе од популацијата. Исто така, лицата кои претходно имале некој друг малиген тумор на кожата имаат поголема можност за развој на меланом.

(В.Ма.)