Mладите сакаат да јадат ајвар, ама не им се прави!

171

– Младите не сакаат да работат, а сакаат да јадат на готово, некој друг да им направи. Ретки се тие што подготвуваат зимница, вели една купувачка на Зелено пазарче. Но, и купувачите и продавачите се согласуваат во едно, а тоа е дека она што ќе се подготви дома, не може да се спореди со готовото купено

 

Избор на зеленчук има многу, но иако е сезона на ставање на зимници, по пазарите не се чувствува раздвиженост. Продавачите на Зелен пазар велат дека  полесно им е на луѓето да си купат готова, отколку да се мачат да ја прават зимницата, независно дали е тоа ајвар, потпечени црвени пиперки, корнишони или жива туршија. Toa се однесува посебно на помладите. Повозрасните кои сè уште можат да работат сè уште ја одржуваат традицијата на подготвување на зимница.

Некогаш едвај се чекаше да дојде есента и подготвувањето на зимница, но сега тоа полека изумира. Тоа го констатираат и продавачите на пазарот, но и самите купувачи.

– Младите не сакаат да работат, а сакаат да јадат на готово, некој друг да им направи. Ретки се тие што подготвуваат зимница. Тоа треба да се прави со љубов. Мојот сопруг почина, затоа сега ставам помалку зимница, но претходно подготвував повеќе. Сега нема ни кој да ми помогне – вели една купувачка.

Таа заедно со својата сосетка купуваше карфиол за жива туршија.

– Еве со мојата сосетка заедно купуваме, а земаме и за трета наша сосетка. Правењето зимница ние го сфаќаме како ритуал. Тоа е убаво доживување. Заедно ја подготвуваме со сосетките, се дружиме, знаеме и да се насмееме, но и да сработиме – вели купувачката.

 

Една од продавачките прокоментира: „Мрзелив народ сме станале, не ни се работи, затоа немаме.“

Други продавачи велат дека причината за тоа што не се става толку зимница е и тоа што има готова по маркетите каде се продава и по намелени цени, на акција, а и поради тоа што младите сè помалку имаат време за тоа.

– Така е двојно поевтино. Во маркетите има сè, а одвреме-навреме има и акции. Затоа не е како порано кога се купуваше со килограми моркови, корнишони, зелка итн. – констатира продавачката Весна Јовевска.

Тоа го потврди и една купувачка.

– Јас не подготвувам зимница, вклучувајќи го и ајварот. Има сè да се купи готово. Останал само адетот. А, од друга страна живеам во зграда и немам каде да ја подготвувам зимницата, посебно ајварот, а и забрането е да палиш оган пред зграда – додава таа.

Катерина Поп Димитриовска која купуваше на Зелениот пазар вели дека за прв пат годинава не направила ајвар.

– Ние сме веќе возрасни, ни треба помош за да правиме. Децата со години купуваат готов, не сакаат да се мачат. А жива туршија не ставам, бидејќи не ми се погодува – коментираше Димитриовска.

Но, и купувачите и продавачите се согласуваат во едно, а тоа е дека она што ќе се подготви дома, не може да се спореди со готовото купено.

– Тоа што ќе се подготви дома се разбира дека е многу повкусно од купеното. Има луѓе што купуваат пакети готов ајвар, па дома го допржуваат за да има вкус, сличен на дома подготвениот – вели Димитриовска.   

Инаку, црвените пиперки за подготвување на ајвар на Зелен пазар чинат од 35 до 60 денари, корнишоните се по цена од 25 до 40 денари. Зелени домати можеа да се најдат по цена од 15 до 30 денари, морковот од 30 до 40 денари, зелката 25 до 30 денари, карфиолот од 50 денари, целер 40 денари китка, цвекло 20 денари. На пазарот можат да се најдат и готови нанижани везени пиперки кои чинат 400 денари дупла низа.

За оние „мрзеливите“ на тезгите дури и се продава домашен ајвар, лутеница, апетитки. Ајварот во големи тегли чини 250 денари, а 150 денари апетитка, исто како и лутеницата.

(А.П.)