Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Британецот Луис Хамилтон, во интервју за „Тајмс“ откри дека уште од детството се борел со депресија. Како што рече сега 39-годишниот возач, прво се соочил со насилство на училиште, а потоа со притисоци во спортот додека ја градел кариерата на автомобилските натпреварувања.
Хамилтон, кој се натпреварува од својата шеста година, вели дека и како возрасен се борел со депресија и дека му било тешко да зборува за тоа, пренесува агенцијата „Ројтерс“, која го пренесува интервјуто за „Тајмс“.
- Мислам дека тоа беше притисок од трките и од стресот на училиште. Злоупотреба! Немав со кого да разговарам за тоа. Цел живот се борам со менталното здравје, со депресијата, која започна многу рано, кога имав околу 13 години. Кога имав дваесет години, минав низ навистина тешки времиња – рече Хамилтон.
Хамилтон дебитираше во Формула 1 во 2007 година, кога имаше 21 година, станувајќи првиот црн возач во светскиот шампионат. Следната година ја освои шампионската титула, а во 2020 година, со седум титули, го израмни рекордот на Германецот Михаел Шумахер.
Британецот денес се чувствува позрел од кога било во кариерата.
- Ги разбираш работите што ти ги пренеле родителите, ги забележуваш тие шаблони, како реагираш на нештата и како можеш да го промениш тоа. Она што, можеби, ме нервираше во минатото, денес не ме нервира. Многу сум посмирен – додаде тој.
Возачот на Мерцедес, кој ќе му се приклучи на Ферари следната сезона, моментно е шести во генералниот пласман, а следната трка во Формула 1 ќе се одржи во Австрија, на 20 октомври.