Лекциите од минатото не се научени, ќе се применуваат старите ДУП кои предизвикаа урбанистичка катастрофа

194

Од „Шанса за Центар“ реагираат дека ниту фелата, ниту граѓаните не биле прашани за измените на Законот за урбанистичко планирање, но дека за нив се резервирани само последиците.

-Ветувањата за нови пракси во урбанизмот остануваат само за во изборните кампањи. Со старото однесување не можеме да добиеме подобри и поквалитетни решенија. А праксата на новата Влада со целосно нетранспарентното носење на измените на Законот за урбанистичко планирање по скратена постапка нѐ потсетува дека лекциите од минатото не се научени, ниту однесувањето е променето, а штетите ќе се зголемуваат – потенцираат од „Шанса за Центар“.

Тие додаваат дека со ова ќе продолжат да се применуваат старите ДУП-ови кои предизвикаа урбанистичка катастрофа во Центар и во другите општини и оти ќе продолжат да се изработуваат ДУП-ови по стари правилници, закони, неточни податоци и мерења.

-Ќе никнуваат катни гаражи по преостанатите слободни јавни површини каде ќе им текне. Ќе се кројат планови во кабинети во интерес на мала група на моќници. Со ова се потврдува правилото: „закони може да се менуваат и преку ноќ, ама ДУП-овите од пред 2012 не смеат да се променат по никоја цена ни во 2024 година“- сметаат од „Шанса за Центар“ и прашуваат: Што е следно? Повторно носење на ДУП-ови во 3 часот наутро?

(А.П.)