Кумановци сакаат да продолжи бесплатниот градски превоз

53

Бесплатниот превоз ги натера кумановци да ги користат автобусите на градскиот превоз. Општина Куманово од лани започна да го субвенционира градскиот превоз, па автобусите сега се преполни.

Куманово е единствена општина во Македонија која го спроведува проектот за бесплатен превоз. Од центарот на Куманово кон приградските населби и села сообраќаат вкупно 27 линии.

Мерката наиде на голем одѕив кај кумановци, а доказ за тоа се гужвите на постојките и во автобусите.

Граѓаните велат дека мерката е добра и оти на тој начин заштедуваат одреден износ во семејниот буџет со кој едвај преживуваат од месец за месец и се за тоа таа да продолжи.

– Јас мислам дека мерката треба да продолжи бидејќи имам минимална пензија, за што попрво да ја дадам. Ќе платам сметки, ќе купам храна и лекови и толку е. Живеам сама кој да ми помогне. Вака барем кога доаѓам да завршам некоја обврска, парите што ги штедам за превоз ќе ми останат за некоја друга намена – вели една постара кумановка која излезе од автобусот број осум.

Сепак и покрај барањата на кумановци превозот да продолжи, засега нема најави дали тоа ќе се случи.

Мерката е активна до 30 јуни, а дали ќе биде продолжена и до кога допрва ќе треба да се одлучува во Советот на Општина Куманово, каде опозицијата предводена од СДСМ и ДУИ постојано ја критикува одлуката.

Mерката беше донесена на предлог на градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски и започна да важи од 1 јануари 2023 година. Тогаш градоначалникот рече дека во период на економска и енергетска криза оваа мерка ќе донесе до заштеди во семејните буџети на граѓаните.

– Во време на економско-енергетска криза граѓаните на Општина Куманово добиваат можност за значителни заштеди во семејниот буџет. Со ова, ќе придонесеме за намалување на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје и намалување на загадувањето – изјави тогаш Димитриевски.

Според претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска одлуката за продолжување на субвенционирањето на градскиот превоз ќе се разгледува во јули.