Помина една година откако Хамас го нападна Израел, кој возврати со брутална одмазда во Газа. Во меѓувреме, војната се прошири и во соседен Либан, каде армијата на еврејската држава сака да го уништи проиранскиот Хезболах, а прашање на денови е кога Тел Авив ќе го нападне Техеран, кој пред неколку дена, во знак на одмазда за атентатот на лидерот на Хезболах, Хасан Насрала во Иран, испука над 200 проектили кон Израел!
Пред 365 дена во нападот на Хамас на израелска територија беа убиени 1.205 луѓе, а неколку стотици беа киднапирани. Достапните податоци велат дека од киднапираните 251 лице на 7 октомври, 97 од нив се уште се во Газа. Се стравува дека најмалку 33 загинале во меѓувреме.
За време на воената операција против Хамас во Газа загинаа повеќе од 42.000 Палестинци, меѓу кои најмалку 15.000 деца!
Повеќе од 100.000 жители на Газа беа ранети, а дури 90 отсто од 2,1 милиони жители на палестинската територија се раселени. Од октомври 2023 година, повеќе од 2.000 луѓе загинаа и во Либан, од кои повеќе од илјада од 23 септември и интензивирањето на израелските напади против Хезболах во таа земја. Околу 1,2 милиони луѓе во Либан се раселени. Од почетокот на израелската армија во Појасот Газа загинаа најмалку 800 војници на израелската армија, а бројот на ранети ја надмина бројката од 4.400.
Она што е прашање – е каква ќе биде одмаздата на Израел за иранскиот напад.
Американскиот сајт „Аксиос“ објави дека имаат информации дека Израел ќе одговори со напад во рок од неколку дена, а цел би можеле да бидат производствените капацитети за нафта во Иран. Воените аналитичари, сепак, сметаат дека цел ќе бидат иранските нуклеарни постројки.
Малколм Дејвис, висок аналитичар за одбранбена стратегија во австралискиот институт за стратешка политика, е убеден дека Израел ќе ги таргетира иранските нуклеарни постројки.
„Од перспектива на Израел, на Иран не може да му се дозволи да добие нуклеарно оружје. Сигурно ќе има силен притисок во кабинетот на Нетанјаху да ги нападне тие нуклеарни постројки“, изјави Дејвис за Си-Ен-Ен.
Соединетите Американски Држави проценуваат дека Иран е на чекор од атомска бомба и дека времето потребно за производство на доволно материјал за производство на нуклеарно оружје е околу една до две недели.
Исто така, неизвесно е дали и САД ќе бидат директно вклучени во „казнувањето на Иран“. Влегувањето на Америка во војна против Техеран ќе го доведе светот на работ на Третата светска војна. Експертите предупредуваат дека во тој случај ниту Москва, ниту веројатно Пекинг, не би набљудувале немо што се случува.
Во секој случај, сценариото е застрашувачко.