Прилепчанецот Д.Т. (57 години) заработи кривична пријава за предизвикување пожари на отворен простор, кои се проширувале на поголема површина. Кривичната пријава е поднесена од Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Македонски Брод до Основното јавно обвинителство – Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело предизвикување шумски пожар, казниво по член 227 став 5 од Кривичниот законик, извести МВР.
– Пријавениот во повеќе наврати, на 15.7.2024 година, на 30.7.2024 година, на 2.8.2024, на 5.8.2024 година и на 7.8.2024 година, во атарите на селото Слатина и селото Грешница, Општина Македонски Брод, предизвикувал пожар на отворен простор, кој се проширувал на поголема површина, а гореле трева и нискостеблести растенија – соопштија од МВР.
Оттаму додаваат дека сите пожари биле изгаснати од екипи на Територијалната противпожарна единица Македонски Брод и Подрачното шумско стопанство „Сандански“ – Македонски Брод.
– При преземањето мерки во врска со пожарите, полициски службеници од ОВР Македонски Брод го затекле пријавениот Д.Т. на местото на настанување на пожар и при преглед кај него, биле пронајдени предмети со кои може да се предизвика пожар – наведуваат од МВР.
Бил извршен службен разговор со пријавениот, при што тој ги признал делата.
Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за економски криминал и корупција, Регионалниот центар за гранични работи – Југ, Одделот за спречување организиран и сериозен криминал – СПО и Секторот за внатрешни работи Штип, во штипско Селце, во координирана акција ги лишиле од слобода И.А. (43) и Е.А. (19), двајцата од с. Селце. Тие биле затечени при незаконска сеча на дрва за огрев, во шумски предел што до неодамна беше зафатен со пожар, на планината Серта, и покрај активната забрана за движење во шума.
Во акцијата биле вклучени и дронови. Пред неколку дена, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, најaви дека дроновите ќе вршат мониторирање на шумските појаси на територијата на целата држава.
И.А. и Е.А. биле затечени при незаконска сеча на дрва за огрев, во шумски предел што до неодамна беше зафатен со пожар, на планината Серта, и покрај активната забрана за движење во шума.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вчера ги посети пилотите и екипажот на „ер тракторите“ од Дирекцијата за заштита и спасување за да им искаже признание за храброста и за пожртвуваноста во борбата со пожарите. Притоа, изрази жалење поради условите во кои работат, како и поради недостигот на кадар во ова одделение и ниските плати.
– Имавме можност да ги видиме „ер тракторите“, да поразговараме со пилотите и да се сретнеме со екипите од Кипар и од Германија, кои, преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ, учествуваат во гасењето на пожарите. Овие луѓе, од кои некои се вратија од пензија, заедно со екипите на Одделот за воздухопловни единици на МВР и Воздухопловниот винг на Армијата, се хероите што секојдневно се во битка со пожарите со кои се соочува нашата татковина – истакна Тошковски.
Тој најави реформи на системот за справување со кризи, како од оперативен така и од материјално-технички карактер.
– Се согласивме дека потребата од реформа на системот е голема, а тие остануваат тука сè додека е потребно, заедно да ги спасиме нашите шуми и природни богатства. Министерството за внатрешни работи останува со сите свои капацитети да учествува во гасењето на пожарите и во пронаоѓањето на лицата што учествуваат во нивното подметнување и ширење – нагласи Тошковски.
Од тројцата пилоти со кои располагаше, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) оваа година остана само со еден, откако двајца ги исполнија условите за старосна пензија. Но, во меѓувреме, тие повторно беа ангажирани, поради големиот број летни пожари.
Од Центарот за управување со кризи вчера информираа дека од 46 пожари на отворен простор регистрирани вчера, изгаснати се 37, два сè уште се активни, а седум се под контрола.
Активни се пожарите во општините Македонски Брод и Студеничани. Во Македонски Брод, како што соопшти ЦУК, пожарот е во селата Тажево и Брезница и во Јасен, и гори борова шума. А, во Студеничани, пожарот е во селото Батинци, кај местото викано Дрешница и гори мешана шума.
Од ЦУК информираат дека во јули биле регистрирани 765 пожари од пошироки размери. Најголем дел од пожарите зафатиле висока сува трева, стрништа, нискостеблеста, деградирана шума и депонии. Биле регистрирани вкупно 608 пожари на ваков терен, а 157 биле шумски пожари, кои ја прават најголемата штета.