Кремљ не го отфрла однапред планот на Шолц за мир во Украина

74
EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека во моментов нема реални предуслови за мирно решавање на конфликтот во Украина и дека Москва не отфрла ниту еден план за решавање на украинското прашање, но дека мора да ги знае неговите детали.

Коментирајќи ги наводите на одредени западни медиуми кои тврдат дека германскиот канцелар Олаф Шолц подготвува план за мирно решавање на ситуацијата во Украина, Песков рече дека не знае детали.

„Не знаеме ништо повеќе од она што го објавија медиумите – дека се подготвува некаков план. Не знаеме кои се деталите. Не исклучуваме никакви планови однапред, но треба да видиме за што се работи“, изјави портпаролот на Кремљ, пренесе Спутник.

Тој додаде дека според мислењето на Москва, се уште не се постигнати вистинските предуслови за решавање на конфликтот во Украина со мирни средства.