КОЛУМНА, АДВОКАТ ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Мека моќ за тврд став

131

Сè почесто се случува да видиме на стриминг сервисите како „Нетфликс“ и „ХБО макс“ бугарски, хрватски, српски филм или серија. За полските, чешките, а особено за турските серии и филмови да не зборувам. Филмската продукција во овие земји е во полн замав и се издвојуваат големи и сериозни средства за неа, додека ние, како земја, далеку заостануваме и на ова поле, како и на многу други. Некој ќе каже на ова, па што, голема работа, без да биде свесен дека ова не е голема, туку е огромна работа, исклучително важна и дека ги отсликува моќта на една држава, нејзината состојба и нејзиното влијание во регионот и пошироко.

Во поновата историја, моќта на државите се дели на тврда и на мека моќ. Големината на територијата, бројот на населението, економската и воената моќ се тврда моќ и таа ги решава проблемите со принуда, закана, подмитување, економски или политички блокади и со воена интервенција. Меката моќ е посуптилна, речиси невидлива, но, во денешно време на модерни технологии, е исклучително битна и силна.

Меката моќ е културно, историско, национално презентирање на својата вистина, својата приказна и постојано и упорно докажување на нејзината веродостојност. Денес не е доволно да раскажете приказна, да пласирате своја вистина, туку е потребно таа приказна да е веродостојна и уверлива, односно поверодостојна од онаа на противникот. Во денешно време на модерни комуникациски технологии и глобализација, националните приказни станаа моќно оружје, како што вели еден познат социолог, станаа национални валути. Ова им овозможи на многу мали земји, не многу економски моќни, да станат влијателни.

Меката моќ се остварува преку филмската продукција, музиката, музичките спотови, туристичките понуда и реклама, презентирањето на земјата, културата и на обичаите, преку медиумското раскажување на националната приказна. Најдобар пример за тоа се САД, Кина, Турција, Израел, Индија. Американскиот сон е врежан во колективната човечка меморија преку упорно и постојано негово создавање, градење и промовирање преку филмската индустрија, која го направи вистинит. Турските серии, според статистичките показатели, се едни од најгледаните серии во Грција и покрај повеќедецениската нетрпеливост, а слична е состојбата и кај Курдите, и покрај отвореното непријателство со Турција. Кина полека, но сигурно ја плете својата приказна на земја без која не може повеќе да се донесе ниту една одлука што се однесува на меѓународните односи. Србија ја плете својата приказна за силна и храбра нација што е спремна да се жртвува за слободата, ја раскажува романтичната приказна за витешките редови, кралеви и цареви, праќајќи ја пораката дека се работи за најстар народ овде, на Балканот. Полска ја врзува својата национална приказна со мирот и спокојот на својот народ, отфрлајќи ги сите префрлања за национализам и неприфаќање на бегалците.

За жал, Македонија, иако најголемиот дел од народот не е свесен, а политичарите се незаинтересирани и некадарни да се справат, веќе децении се судира со националните приказни на Грците, Бугарите, Србите и на Албанците. И постојано ја губи битката со секоја национална приказна, без притоа да има своја национална приказна што константно и упорно би се раскажувала како одговор на соседските приказни.

Секое попуштање, премолчено прифаќање на соседските национални приказни или дел од нивните приказни брише едно поглавје од нашата национална приказна и ја прави неуверлива. На своја кожа ја осетивме меката моќ на Грците околу знамето и потеклото, со Бугарите околу идентитетот и нивната окупација, која некои дилетанти и слабоумни политиканти сакаа да ја наречат администрирање, не сфаќајќи дека на тој начин ја храниме бугарската приказна за *един народ*. Со Албанците паднавме на лажната приказна за недемократичност, подјарменост и албанофобија, а со меѓународната заедница паднавме на сево ова заедно, плус коруптивноста и клептоманијата на нашите политиканти. „Кока-колата“ и џинсот, како и многу други работи или врежани мислења, создадени стереотипи и клишеа, се производ на меката моќ, која е незапирлива ако е правилно употребена.

Уште пред седумдесетина години, Владимир Дедиер пишува во една своја книга за меката моќ, велејќи: „Уште не стивнаа оружјата од Втората светска војна кога започна специјалната војна против Југославија со ‘кока- кола’ и со џинс“. Резултатот од таа специјална војна и умешно користење на меката моќ ни е добро познат, но, за жал, нашите политиканти, како и за многу други суштински работи, немаат ниту слух ниту капацитет да ги применат, користејќи го искуството на другите, не сфаќајќи дека меката моќ е моќно оружје што ја гради националната приказна и ја јакнее до степен на национална валута.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)