Кој се плаши или на кого му пречи изборот на Стоилковиќ?

Високата позиција на Лидерот на Демократска партија на Србите во новата Влада предизвика вознемиреност кај ДУИ

1515

-Искрено благодарам на довербата која ми е укажана, изјави Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и мандатар за состав на новата македонска влада го предложи за заменик претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците.

„Она што со сигурност можам однапред да кажам дека јас и корупцијата сме немале и нема да имаме никакви допирни точки, а оној потешкиот дел на обврските да се даде сериозен придонес во подобрување на условите за живот на сите македонски граѓани е обврска во која ќе вложам максимум од моите можности како во организацијата на работата на министерството со кое ќе раководам, така и во делот на реализација на Платформата1198, но и во реализација на ветувањата кои ги дадов во текот на кампањата. Како будем радио, тако ми Бог помогао!“, напиша Стоилковиќ.

Предлогот Стоилковиќ, да седне во потпретседателската фотелја во Владата и воедно да биде министер кој ќе раководи со ресорот за односите меѓу заедниците, го вознемири албанскиот политички кампус во земјава. Прва регираше ДУИ, која преку партискиот портпарол изрази негодување за тоа што србин ќе раководи со ресорот за односите меѓу заедниците.

„ Охридскиот договор за првпат по 2001 година во рацете на Србин со путинистички убедувања! Промената штотуку започна!“, реагираше на Фејсбук портпаролот на ДУИ, Арбер Адеми. Одговор експресно стигна од Изет Меџити претседател на Демократското движење, кое е дел од Вреди, а кои се коалиционен партнер во новата влада на мандатарот и иден премиер, Христијан Мицкоски.

„Пропагандната машина на Артан Груби и Бујар Осман не запира!“, напиша Меџити на неговиот профил на Фејсубук и додаде дека народот со гласање ги осудил затоа што наместо да работат, ги исмејувале Албанците и играле фудбал по канцелариите на министерствата, а сега од очај, во пресрет на формирањето на новата влада, заедно со нивните мегафони ја извртуваат вистината и шират дезинформации.

„Иван Стоилковиќ не го добива министерството за политички систем ниту за Охридскиот договор! Стоилковиќ е предложен за министер за односи меѓу заедниците, додека ова Министерство, формирано во 2008 година, до неодамна беше одговорно за заштита, одгледување и афирмација на етничките групи помали од 20%, односно одговорноста за унапредување на правата на Турци, Бошњаци, Роми и други. Значи, ова Министерство не се занимава со правата на Албанците, ниту ги ограничува или унапредува. Правата на Албанците се заштитени и гарантирани со Уставот и Охридскиот договор. Како втора мнозинска нација, Албанците се претставени со повеќе министерства и ресори во владиниот кабинет“, напиша Меџити.

На коментарот на Арбер Адеми, регираше и Саша Богдановиќ, екс градоначалник од СДСМ на општина Центар кој на својот ФБ профил напиша: По коментаров на Арбер Адеми не смее србин да биде министер. Само за потсетување во министерството за политички систем се вработени луѓе кои не се појавиле на работа од кога се вработени”!.

Стоилковиќ, вчера не сакаше да ги коментира ваквите изјави, само кусо одговори дека ќе направи се, Македонија да тргне напред.

В.М.Б.