Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека се проверува дали напаѓачот на полицајците кај Лозница е Артан Хајризи (33), чии документи се пронајдени или неговиот брат Фатон, кој неодамна избега од затвор во Косово.
Потврдено е дека осомничен за убиството на еден и тешко ранувањето на друг полицаец кај Лозница е Артан Хајризи, брат на Фатон Хајризи од Србица, затвореник кој на 6 јули избега од затворот во Смрековница кај Вучитрн, пишува Н1.
Во близина на автомобилот од кој е пукано врз полицајците е пронајден косовски пасош на име Артан Хајризи, како и германска лична карта.
Косовските медиуми пишуваат дека по бегството од затвор на 6 јули, Фатон на социјалната мрежа Тик-Ток напишал дека се решил на тој чекор поради злоупотреба и дека е надвор од територијата на Косово.
На „Тик-Ток“ им објасни на своите следбеници кој е.
„Јас сум Фатон Хајризи, кој се приклучи на ОВК и отиде во војна како 14-годишен. Јас сум Фатон Хајризи кој делуваше на северот во 2006-2007 година за доброто на оваа држава. Не е нормално, 23 години ме држеа во затвор, денес имам 40 години“, порача Фатон.
Тој е осуден на 27 години затвор за убиство на руски војник кај Дреница на Косово. Во моментот кога го извршил убиството имал само 15 години, а по злосторството бил уапсен од КФОР.
Косовскиот портал Индекс онлајн пишува дека Фатон во средата навечер се приклучил на емисијата „Дебата плус“ на ТВ Дукаџина директно од телефонот на неговиот брат Артан. Порталот наведува дека недолго по тоа вклучување дошло до напад на српската полиција.
Косовскиот портал Национал ги објави изјавите на таткото на браќата Хајризи кој рекол дека Артон е во Германија, а Фатон му ги украл документите.
Порталот „Инсајдерс“ објави снимка од видео повик со Артан, кој наводно се јавувал за овој портал од полициска станица во Германија. Според овој портал, тој самиот дошол во полициската станица во Германија да даде изјава за убиството во Србија, односно рекол дека не ги нападнал полицајците.
Артан го обвини брат му Фатон дека му ги украл документите кои во средата вечерта биле пронајдени во автомобил кај Лозница. Наводно не знаел дека му се украдени документите. Тој истакна и дека никогаш немал проблеми со законот.