Двајца искусни новинари, остриот и компониран Дејвид Мjур и остроумната Линзи Дејвис, ќе бидат домаќини на вечерашната дебата меѓу републиканските и демократските претседателски кандидати – Доналд Трамп и Камала Харис.
Мјур е водител и главен уредник на вечерните светски вести на телевизијата ABC, што го прави доволно искусен модератор во првата дебата меѓу Трамп и Харис во овогодинешната трка за Белата куќа, пишува „Њузвик“ и го опишува Мјур како „брилијантен и прибран“. Во текот на својата кариера, Мјур известуваше за бројни политички настани и интервјуираше голем број светски лидери, а веќе модерираше четири предизборни дебати за ABC од 2015 година, вклучувајќи три меѓу демократите и една меѓу републиканците.
Дополнително, Мјур претходно ги интервјуираше и Трамп и Харис.
Нему ќе му се придружи Линзи Дејвис – водител на вестите во ударните термини на ABC – за да ја модерира 90-минутната дебата, која ќе опфати многу сложени прашања.
Дејвис, која ги води вечерните светски вести во недела, изгради репутација на остроумна репортерка способна да се справува со тешки прашања, што таа го докажа како дебатен модератор за време на изборната кампања во 2020 година, заклучува Newsweek.
Дебатата, која може да биде клучен момент во кампањата за претседателските избори во САД во ноември, ќе се одржи вечерва во Националниот уставен центар во Филаделфија.
Двајца кандидати кои, според Гласот на Америка, никогаш не се сретнале или разговарале по телефон, ќе се сретнат вечерва во 21 часот по локално време, во единствената предизборна дебата.