Јане Димески од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ смета дека штом власта не презема ништо во лето околу аерозагадувањето, нè очекува зима со смог.
– Ние, како граѓански иницијативи, уште на изборите и во текот на кампањите баравме од партиите да се произнесат со конкретни мерки што би се презеле веднаш по воспоставувањето на власта. Во оваа власт, има амбициозно ветување дека ќе го замени начинот на греење на над 600 јавни објекти во Македонија што трошат нафта и мазут. Но, ако не е преземено тоа досега, за летово да се почне да се менуваат тие системи на загревање, барем од аспект на јавните објекти, загадувањето ќе остане исто и ќе нè очекува зима со смог. Ќе се молиме да дувне ветер однекаде и со полни клиники – рече Димески.
За загревање на овие објекти во оваа грејна сезона, може да се потрошат над 16,5 милиони литри нафта за греење и над 4,8 илјади тони мазут, и тоа би чинело над 20 милиони евра од буџетот на државата и на општините (горивата се од увоз).
На ова треба да се додадат и не мал број приватни комерцијални и индустриски објекти, кои, исто така, користат мазут и нафта во урбаните средини.
Последиците од согорувањето на нафтата и на мазутот и емисиите на отпадни гасови и честички се очигледни: многу загаден воздух штетен за здравјето на граѓаните, зголемена концентрација на ПМ-10 и на ПМ-2,5 честички. Според некои меѓународни институции, во некои зимски денови минатата година, Скопје било меѓу првите десет најзагадени града во светот.