Почна пробното тестирање на цевководите од филтер-станицата до четири села во Општина Карбинци, кои треба да добијат вода од хидросистемот (ХС) „Злетовица“, изјави градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.

Тој истакна дека вода за пиење од ХС „Злетовица“  треба да добијат осум села во Општината, а тестирањето на цевководите е почнато до селата Долни Балван, Таринци, Црвулево и Козјак.

– Пред недела-две, практично започна тестирањето на овие линии, се работи на пуштање на цевководите. Редоследно се тестираат и не се пуштени сите осум одеднаш. Затоа што како што ги пуштаме така треба да се внимава и да се исправни, дали ќе се јават одредени проблеми во текот на водоснабдувањето со вода. Досега, со некои помали технички забелешки, немаме поголеми проблеми во делот на овие цевководи што се пуштени. Се работи за вкупно осум линии, досега се тестираат четири – вели Паунов.

Тој очекува дека до крајот на месецов ќе заврши и тестирањето на другите четири цевководи до населените места во Општина Карбинци, со што филтер-станицата за преработка на водата за пиење, која се дистрибуира од ХС „Злетовица“, ќе почне и комплетно да испорачува вода до осумте села во Карбинци.

Паунов додава дека добивањето вода за пиење од ХС „Злетовица“ нема да значи и зголемување на нејзината цена за жителите на овие населени места, односно цената за потрошена вода останува иста.