Канализацијата од селото Белчишта завршува во Охридското Езеро. Жители на ова село во Општина Дебрца, во реакцијата до Граѓанската иницијатива Охрид СОС, наведуваат дека канализациската шахта во селото Белчишта се испумпува секој втор ден и дека отпадната вода завршува во притока на река што е матица од блатото Сини Вирој, кое, пак, се влева во Охридското Езеро.
Жителите наведуваат дека повеќе од 10 години не работи пречистителниот контејнер, цел екосистем во блатото се загадува, градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески, ветувал дека ќе го реши овој проблем, но ништо не се презело.
Ногачески потврдува дека има еколошки проблем и дека е потребна нова пречистителна станица, но потенцира, не се испумпува канализацијата секој втор ден и не се загадува блатото во Сини Вирој.
– Не е точно дека секој втор ден се врши испумпување, не се работи за толкав капацитет на приклучени граѓани што го полнат тој резервоар пред пумпата за толку брзо време, дека на два-три месеци има вклучување – има. Мора во одреден период да се изврши испуштање на водата, зашто доаѓа до прелевање на шахтите. Кон блатото не оди. Има канали што одат кон матицата и Сатеска. Дел од тоа се филтрира природно низ тие канали, што, пак, е недозволиво и дел завршува во самата матица, која оди кон Сатеска, а не кон блатото – вели Ногачески.
Тој потенцира дека Општината во моментов нема толку средства за нова пречистителна станица, но проблемот мора да се реши, бидејќи се води постапка за прогласување на блатото за парк на природата.
Од Охрид СОС велат дека Ногачевски како да сака да го релативизира проблемот во својата изјава, признавајќи дека има загадување, но дека морало така да се постапува, во отсуство на пречистителна станица, дури тврдејќи дека „дел од тоа се филтрира природно низ тие канали“, кои, сепак, не оделе во блатото.
– Но, признава дека оделе во Сатеска и засега, преку нејзиниот тек, во Охридското Езеро. Жителите на Општината реагираат дека има пари за некои други тендери, за други активности, но за овој проблем, кој е навистина сериозен, средства не може да се најдат. Според градоначалникот, требаат средства, кои Општината ги нема. Но, со оглед дека треба да се прогласи Белчишко Блато за парк на природата, еве, нека излезат во пресрет од Владата на Република Македонија, од Министерството за животна средина, од Натура 2000 МК, нека се аплицира во европските фондови, има начини ако постои волја за справување со овој сериозен проблем. Не смее да се чека, не смее да продолжи ова загадување на природните водотеци, што влијае штетно врз животната средина – потенцираат од Охрид СОС.
Белчишко Блато, познато меѓу населението и како Сини Вирој, се наоѓа на неколку километри од магистралниот пат Кичево – Охрид, во атарите на селата Белчишта и Ново Село и за јавноста е речиси неоткриен локалитет, кој во себе крие неверојатна природна убавина и огромно природно богатство. Тој е блатен екосистем, кој се напојува со вода од повеќе од 10 видливи карстни извори, кои формираат повеќе езера, мочурливи и влажни ливади, поплавена евлова шума, тесни појаси со трска, мрежа од водотеци, карстни и подводни извори, но и обработувани површини.
Целиот овој воден систем му припаѓа на сливното подрачје на реката Сатеска, односно, во крајна линија, преку Охридското Езеро и Црни Дрим, на Јадранското Море. Главната река, која, всушност, се создава во самото мочуриште, а се влева во Сатеска, е Матица, која се „храни“ со вода како од изворите така и од локалната Белчишка Река.
Националната стратегија за заштита на природата 2017-2027 година препорачува да се прогласи за заштитено подрачје и во моментот тој закон е во фаза на усвојување. Белчишко Блато е дел од националната мрежа „Емералд“ на Република Македонија.
(С.Бл.)