Кампањата „Крени глас против врсничко насилство“ се имплементира и во општина Илинден

27

Градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски и директорката на „Макпетрол“, Марија Јосифовска Спасовска потпишаа Меморандум за соработка за проектот „Крени глас против врсничко насилство“. Во рамките на меморандумот се утврдуваат активностите за спроведување на проектот во основните училишта на територијата на општина Илинден.

-За таа цел, во училиштата ќе бидат организирани едукативни предавања и работилници од стручен психотерапевт за учениците од 6, 7, 8 и 9 одделение на тема врсничко насилство, како и дистрибуција на едукативен материјал, со цел препознавање и спречување на врсничкото насилство – соопштија од Општина Илинден.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека за поздравување е заложбата на „Макпетрол“ како општествено одговорна компанија, што се вложува во грижата за децата.

-Локалната самоуправа е секогаш отворена за соработка, кога станува збор за грижата на децата од секоја возраст, затоа што нивниот правилен развој е инвестиција во иднината – вели тој.

Од „Макпетрол“ истануваат дека целта на оваа кампања е борбата против и соочување со врсничкото насилство, негово препознавање како и негов третман.

Преку комуникациските активности ќе се зголеми интересот на јавноста за проблемот со врсничкото насилство, а со работилниците ќе се понуди пристап за директна работа со децата, со просветните работници како и со родителите.