Кумановски трубадури вљубеници во групното пеење по кои градот се препознава – “Октетот Куманово“

301

За сите овие 37 години ниту еден медиум не можеше да забележи ни една нивна кавга, скандал, трач. Да се распукаш од здодевноста! Ама така е, тоа е навистина вистина. Само песната им е единственото обележје, знак за распознавање!

Сказната за кумановскиот „Октет Куманово“ стартува пред 37 години. По тој повод вчеравечер љубителите на народната македонска песна, поддржувачи и симпатизери на Октетот, нивните колеги (од естрадата) и пријатели дојдоа да им го честитаат роденденот во соодветно роденденски уредениот кумановски ресторан “Грација“ кој беше домаќин на тој значаен музички настан.

Градоначалникот на Куманово

Но, за жал, поради коронавирусот и пропишаните здравствени мерки, бројот на посетителите беше строго ограничен(со резервирани разделени маси), па организаторите однапред им се извинија на оние што не можеле да присуствуваат.
Но, кога е роденден тогаш и покрај виша сила треба да се прослави, да има и подароци. Највредниот подарок кој останува за сите времиња е секако монографијата од авторот Петар Николовски кој за овој Октет ќе каже дека е институција, со што и другите без дилема се согласија со тоа. Иако почнале како аматери, љубители на групното пеење, момчињата од октетот брзо излегоа од анонимноста и чекор по чекор станаа многу популарни и омилени кај публиката.

“Грација“ – домаќин на настанот

Немаше емисија во која не настапувале, немаше весник кој не пишувал за нив…..И, така сите овие 37 години во кои ниту еден медиум не можеше да забележи ниту една нивна кавга, скандал, трач, работи без кои денешната естрада е незамислива. Да се распукаш од здодевноста! Ама така е, тоа е навистина вистина. Само песната им е единственото обележје.

А, во самата ексклузивна монографија на 182 страници безброј многу спомени, фотографии, сеќавања, зборови кои ве враќаат во едно поминато драго време….
Па, така “во 1990 година при едно дружење во ресторан-кафеаната “Чардак“ инспириран од атмосферата (тамбурите на Шојиќ, главно јадење две-три тави “кумановски мезал’к), Љубе Цветановски на салвета пишува текст на нова песна. Утредента се јавува Миче. Го викаат Нино и – се раѓа хитот “Свирете ми тамбури“….

Светско, а наше!

А, ако некој од октетот отсуствуваше на некој важен настан, веднаш Нино предлагаше “ајде сите да му се истовариме дома“. Такви беа секогаш нивните дружења….Тоа е само една трошка од сè она за што може на долго да се раскажува кога тие се мета на муабетење.

Мал дел од одличната дружба

На промоцијата на монографијата и на роденденот дојде со големо задоволство и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски кој и самиот се присети на своите први контакти со овој Октет уште како дете на заедничките проби во просториите на КУД “Панче Пешев“ (зад кумановската гимназија). “Нема да најдеме кумановец, ниту човек од некој друг дел на Македонија и зад границите кој не слушнал за „Октет Куманово“. Тоа нека биде репер за младите генерации кои ќе се насочуваат на една благородна професија со цел создавање музика која ќе биде белег на нашето Куманово и нашата Македонија“, вели и во самата монографија градоначалникот Димитриевски.

Ванчо Тарабунов еден од гостите

Роденденска промоција која, рака на срце, навистина наликуваше на некои селебрити настани со сите нишани, исклучително добро ја водеа искусните дами во својата професија Каролина Петковска од МТВ и Ирена Спировска од ТВ Алфа.
Како јаготка на славеничката торта имавме можност преку видеобим да се потсетиме и на безвременската песна “Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ која Октетот Куманово маестрално ја испеа со легендарната Виолета Томовска…..
Дуле М.