Kому му пречи македонскиот јазик во Македонија?

Фестивалот, кој да биде иронијата поголема, е најавен како мировен и треба да стане традиција како „Eгзит“, за чие одржување секоја година се трошат стотици илјади евра народни пари, сè уште ја бранува јавноста поради националистичкото однесување и скандалозното исвиркување на обраќањето на македонски јазик

187

Прославата на годишнината од Рамковниот договор среде Скопје, во Македонија, започна со исвиркување на водителката на манифестацијата која почна да зборува на македонски јазик, иако обраќањето ѝ започна на албански јазик. Фестивалот, кој да биде иронијата поголема, е најавен како мировен и треба да стане традиција како „Eгзит“, за чие одржување секоја година се трошат стотици илјади евра народни пари, сè уште ја бранува јавноста поради националистичкото однесување и скандалозното исвиркување на обраќањето на македонски јазик.

Владата, која од почетокот на својот мандат се води од начелото „Едно општество за сите“, нема осуда за настанот. Три дена по прославата на Рамковниот договор, од „Илинденска“, не испратија официјален став, туку во кратки одговори, само за дел од медиумите, го протолкуваа исвиркувањето како „изолирана провокација“.

– Најважно од сè е што за разлика од порано, ваквите обиди немаат поддршка од ниту еден претставник на власта – појаснуваат од Владата.

Претходно, вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ за свирежите за време на „Peace Festival“ во саботата, на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, потенцираше дека не биле иницирани од политички субјекти.

– Провокации и обиди за дестабилизација имало и секогаш ќе има, но за разлика од пред пет години, денес тие ниту се иницирани, ниту се провоцирани, ниту се поддржани од кој било чинител од власта. Ние сигурно чекориме кон ЕУ, разумно, одлучно, со почит кон нам различните и во договор со нашите сограѓани, пријатели, другарки и другари, припадници на сите етникуми во нашата земја, дека нашиот пат напред е еден и заеднички. Со заемна поддршка ќе ги надминеме сите предизвици на овој пат, амбициозно и без застанување кон остварување на полноправното членство во Унијата – гласи објаснувањето на Маричиќ дадено за ДВ.

Владата да се извини и да се огради од скандалот со исвиркувањето на македoнскиот јазик. Доколку не го сторат тоа, ќе застанат во одбрана на вулгаризирањето на македонскиот јазик, побара опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Уште едно понижување за нашиот јазик, покрај она, кој оваа ненародна власт го распродава во преговорите со Бугарија. На настанот организиран од Владата, за годишнината од Рамковниот договор, кога се обрати водителката на македонски јазик, присутните го исвиркаа македонскиот јазик, а со тоа го навредија целиот македонски народ. На оваа партиска забава, платена со пари на граѓаните, меѓу присутните беа и првиот вицепремиер Артан Груби и повеќе други министри. А оттаму никаква осуда за овој огромен скандал. Но, молк и од целата Влада. Димитар Ковачевски повторно молчи за скандалот што се случи на настан кој требаше да симболизира мир, заедништво помеѓу сите граѓани на Република Македонија. Доколку не се извинат и оградат од овој скандал со исвиркувањето на македонскиот јазик, ќе застанат во одбрана на вулгаризирањето на македонскиот јазик. Исто така, тогаш како може граѓаните да очекуваат од оваа ненародна власт да застане во одбрана на националните интереси и македонскиот јазик во процесот на преговори со Бугарија – изјави Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за исвиркувањето на водителката во моментите кога почна да зборува на македонски јазик на прославата во саботата по повод годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, за „Дојче веле“ рече дека тоа е голем скандал и праша дали министерката за култура мислела на вакво развеселување кога го правдаше трошењето народни пари за партиски прослави.

Според документите од Бирото за јавни набавки, за овогодишното одбележување на 13 август, Министерството за политички систем издвоило 100 илјади евра. Само за концептот на прославата, компанијата која се јавува како финансиер на ДУИ, „Арбериа“, побарала 3 илјади 800 евра. Пејачите и бендовите кои настапија на плоштадот „Скендербег“, чинат 30 илјади евра, спотовите над 13 илјади, а во вкупната цена влегува и печатениот промотивен материјал.      (Ј.Ц.Г.)