Денеска, со положување цвеќе и пригодна културно- уметничка програма, им беше оддадена почит на 12-темина ваташки младинци, во месноста Моклиште кај кавадаречкото село Ваташа.

Во својот говор, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, истакна:

– Од 15 до 28 години имаа 12-темина млади ваташани, кои на 16 јуни далечната 1943 година, на исклучително бесчувствителен и ѕверски начин ги загубија своите животи токму на ова место каде што сме денес. Ако се навратиме седум години наназад. Сигурно сите се сеќаваме во каква состојба беше оваа локација. Го реконструиравме споменикот, хортикултурно го уредивме целиот простор, го опремивме со урбана опрема. Денес, ова е едно од омилените излетнички места на младите и децата. Изминатата година ги поставивме 12-те бисти на 12-темина ваташки младинци и ја отворивме спомен- собата во нивна чест.

Сето ова е најмалку што можеме да направиме за нивната дадена жртва, за нивниот даден живот за нашата Македонија.

„Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани уште тоа утро во иднината“. Овие зборови се испишани на овој споменик за да сведочат за ова крваво злосторство.

Никогаш да не ги заборавиме страдањата на овие 12-мина младинци, никогаш да не заборавиме дека тие го дадоа својот живот за ова што сме ние денес. За слободата што ја имаме денес. Слава им! – истакна Јанчев во својот говор.