ИЗБРАНИ ЕДНОГЛАСНО И БЕЗ РАСПРАВА: Милошоски, Митревски и Бендевска нови потпретседатели на Собранието

68

Собранието, во рамките на третата седница, без расправа, едногласно ги избра пратениците Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Митрески од СДСМ и Весна Бендевска од ЗНАМ за потпретседатели на Собранието, кои претходно беа утврдени на Комисијата за прашања на изборите и именувања.

За Милошоски гласаа 69 пратеници, за Митрески се изјаснија 82 пратеници, а за Бендевска 70. Ниту еден пратеник не гласаше „против“ или „воздржано“ за изборот на тројцата потпретседатели на парламентот.

Веднаш потоа се пристапи кон давање свечена изјава, а пратеникот Милошоски, кој од здравствени причини не беше присутен на седницата, свечената изјава ќе ја даде на првата наредна седница. Пратеничката Весна Бендевска во заклетвата кажа Р С Македонија, а Јован Митрески го изговори целосното уставно име на државата Република Северна Македонија, како што ја прочита и собранискиот спикер.

Претходно, Собранието со 87 гласа „за“ и еден против и без општа расправа ја донесе одлуката за изменување и дополнување на одлуката за избор на претседатели, заменици на претседатели, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието.

На вчерашната седница на Комисијата за прашања на изборите и именувања, со еден глас против, го донесе и решението за добивање апанажа на поранешните пратеници Арбен Зибери, Вјолца Адеми и Бедри Фазли од ДУИ, Снежана Калеска-Ванчева и Љатифе Шиковска од СДСМ, Енес Ибрахим од Партијата за движење на Турците и Бастри Бајрами од Беса. Тие ќе добијат апанажа по завршувањето на пратеничката функција.

Покрај овие седуммина, Комисијата претходно им го прифати барањето за апанажа на уште 29-мина поранешни пратеници. Тие испратиле барање до Собранието за да го искористат своето законско право да добиваат една година плата од државата, иако веќе не извршуваат функција.

Законскиот рок за поднесување барање за апанажа истекува на 28 јуни, односно 30 дена по верификацијата на мандатите на новите пратеници.

Според законот, апанажата е во висина на платата на пратениците и ја исплаќа Собранието. По завршувањето на пратеничкиот мандат од минатиот собраниски состав, таквото законско право ќе го искористат вкупно 36 поранешни пратеници. Инаку, апанажа побарале и добиле и сите владини функционери кои не станаа пратеници во новиот парламентарен состав.

Пари од државниот буџет побарале и тројца вработени во кабинетот на сега веќе екс претседател Стево Пендаровски, но собраниската Комисија за избори и именувања ги одби нивните барања со образложение дека тоа се функционери кои не се избрани од Собранието.

На комисијата беше прифатено и барањето за остварување испратнина при заминување во пензија од поранешните пратеници Коле Чаракчиев, Стојан Миланов и Панчо Минов.

Комисијата го усвои и барањето за остварување плата по престанокот на функцијата член на Советот на јавни обвинители на Република Македонија, на членот Арбен Исаку.

Со мнозинство гласови, беше утврдена и предлог-одлука за изменување и дополнување на одлуката за избор на претседатели, заменици на претседатели, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Македонија.

Претседателот на Комисијата, пратеникот Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО-ДПМНЕ, ги информираше членовите дека потпишал решенија за плата на сегашните пратеници на кои Собранието им го верификувало мандатот, на координатори на пратенички групи, на избрани претседатели на работни тела, на новиот претседател на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, како и на поранешната претседателка на Судот, Добрила Кацарска.

Пратеничката нето-плата во македонското Собрание, во просек, изнесува околу 109 илјади денари, без при тоа да се пресметаат додатоците што ги добиваат за работниот стаж, како и за учеството во работните групи и во собраниските тела.