Најдобриот македонски маратонец, Дарио Ивановски, имаше солиден настап на Европското првенство во Рим откако ја заврши полумаратонската трка на 29. Место, меѓу 66 натпреварувачи, но со државен рекорд од 1 час, 4 минути и една секунда.

Пред Ивановски сега се главните подготовки за настапот на Олимписките игри во Париз и, по тој повод, се јави на социјалните мрежи.

  • Почитувани пријатели и поддржувачи. За мене, заврши и последната трка, трка што е пред почетокот на една од моите животни цели, вистинска љубов и пасија за која живеам целиот живот. Оние што ме знаат добро, знаат колку труд и жртва вложив за да бидам дел од Олимписките игри во Париз. Можам да кажам дека го дадов својот максимум на настапот на Европското првенство, со оглед на тоа каков период на рехабилитација поминав по маратоните и „бркотницата“ за да влезам во рангирањето за олимпискиот сон. Кога ќе ме прашаа како се чувствувам, дали ме имаат исцрпено сите овие настапи, им одговарав кратко: „Гладен сум!“
  • Бев свесен дека, по четири истрчани маратони за пет месеци, ќе имам некоја ситна последица, но оставив на Бог да ме држи здрав и жив, а јас да останам мирен и фокусиран до крајот на ова патешествие. Европското првенство ми беше еден добар тест дека телото и нервниот систем ми се добро закрепнати, а јас повторно останав гладен, гладен за најдоброто што следува од мене. Завршив на 29. место од 60+ натпреварувачи и поставив нов државен рекорд. Можам да кажам дека и во ваква состојба сум конкурентен во Европа, трчав рамо до рамо со огромни шампиони и докажани атлети – напиша Ивановски.