Интервју со Габриела Новевска, пејачка на изворна музика: Моето срце чука во сите неправилни и правилни ритми, најважно е да е мелодијата македонска

2240
 „Овој солистички подвиг е нешто што долго време го посакував. Сакав да произлезе од мене не само она што најдобро умеам да го работам туку и она што сум. Идејата за ваков начин на обработка на македонските народни песни ја подготвував 6-7 години, но секогаш ме враќаше стравот да не се уништат песните, бидејќи носиме голема одговорност кон нив. По природа сум енергична, брза во мислите и во реакциите, но и многу емотивна, па сакав да го спојам сето тоа со македонската народна песна. На крајот, собрав храброст да го снимам албумот. Сепак, музиката е онаа што е подложна на промени и ги дозволува, па така, за придружба на песната, се направи фузија од рок и од џез-правците и се доби слика приспособена на денешницата и, секако, на мене како личност. А, песните ги отпеав најблизу до нивните оригинални варијанти, оставајќи им мој белег“, вели, за весникот ВЕЧЕР, пејачката на македонска изворна музика Габриела Новевска за својот прв деби-албум, „Те кажувајет, Илино моме“, објавен во 2023 година, а како идеја зачнат и посветен на 100-годишнината од раѓањето на Александар Сариевски година претходно, и кој на 10 септември, во Македонската опера и балет, ќе биде крунисан со остварување на нејзиниот сон – прв солистички концерт

 

Марија САРЕВСКА-ТОДОРОВСКА

Иако публиката ја препознава како вокал на етносоставот „Монистра“ од 2008 година, а потоа и како долгогодишен неразделен дел од Националниот ансамбл „Танец“, Габриела Новевска потсетува дека ја изведува македонската народна песна од својата 15. година, односно веќе 20 години. Низ текот на годините, голема инспирација ѝ се најпрво Вања Лазарова и Васка Илиева, потоа Мирвет Беловска, Ратка Кировска, Рајна Спасовска, Цвета Билјановска, Костурчанки, Воденки, Кучковки, Ињевки, Сариевски, Манчевски…

– Додека сите другарки слушаа музика што беше популарна во моментот, јас ја собирав музиката на некои од доајените на македонската изворна музика. Сметам дека тоа не е само просто „музика“. Ако се слуша подолго време, ќе се почувствува и духот на минатото, времето во кое се создадени тие дела. Време што има многу поинакви вредности од денешното. Македонските песни се полни со тежина и со напатеност на народот, но и забавни, лесни, со шега и радост – вели Новевска, која е решена не само во својот прв солистички албум туку и во оние што ќе следуваат да му остане безрезервно посветена на трагањето низ старите музички материјали од богатата ризница на македонското народно музичко творештво за да ги препее, овековечувајќи ги со свој уникатен печат.

Во пресрет на Вашиот прв солистички концерт „Те кажувајет, Илино моме“, со огромна желба и нетрпение го претставувате првенствено Вашиот прв солистички албум, кој беше објавен во 2023 година, на кој ќе бидат отпеани песните од албумот, како и нови, настанати во меѓувреме. Што, всушност, Ви значи ова солистичко претставување?

– Овој солистички подвиг, за мене, е од огромно значење. Најпрво албумот, кој излезе под мое име, а сега, на 10 септември, и мојот прв солистички концерт, се нешто што долго време го посакував. Искрено, имав потреба да излезам од рамката во која не само што се поставив самата туку и се оставив во неа подолго отколку што требаше. Сакав да произлезе од мене не само она што најдобро умеам да го работам туку и она што сум. По природа сум енергична, брза во мислите и во реакциите, но и многу емотивна, па сакав да го спојам сето тоа со македонската народна песна. Идејата за ваков начин на обработка на македонските народни песни ја подготвував 6-7 години, но секогаш ме враќаше стравот да не се уништат песните, бидејќи носиме голема одговорност кон нив. Тие се нашето национално наследство и богатство, за кое треба многу внимателно да се грижиме. На крајот, собрав храброст да го снимам албумот. Сепак, музиката е онаа што е подложна на промени и ги дозволува, па така, за придружба на песната, се направи фузија од рок и од џез-правците и се доби слика приспособена на денешницата и, секако, на мене како личност. А, песните ги отпеав најблизу до нивните оригинални варијанти, оставајќи им свој белег.

Како што кажав, самите аранжмани се помодерни, приспособени на денешницата, а песната е таа што е оставена да биде мелодиски немодифицирана. Аранжманите ги изработи Александар Јовевски, мој долгогодишен пријател и соработник од групата „Монистра”, а сега и колега во Ансамблот „Танец“.

Кажете ни нешто за музичарите што ќе Ве придружуваат на сцената, како и за гостите на концертот.

– Сите музичари што се вклучени во овој проект, се врвни на својот инструмент. Честа и задоволството се уште поголеми кога се работи со луѓе на кои им се познава љубовта кон сопствената работа. На сцената во Националната опера и балет ќе ги видите: Александар Јовевски, кој свири на пијано и кавал; Зоран Костадиновски на електрична гитара; Драган Илиев на електрична гитара; Горан Гешовски на бас-гитара; Дарко Илиевски на хармоника; Ратко Даутовски на перкусии и Павел Ренџов на тапани. Како гости ќе се појават Дејан Теодосиевски со своето виолончело и Гоце Димовски, кој ќе засвири на гајда.

Што беше пресудно за изборот за насловната песна на албумот и на концертот „Те кажувајет, Илино моме“, која своевремено ја има испеано доајенот на македонската изворна песна, Александар Сариевски?

– Конечната одлука за снимањето на мојот деби-албум се случи во 2022 година, т.е. во годината кога се одбележуваа 100 години од раѓањето на Александар Сариевски. Бидејќи песната „Те кажувајет, Илино моме“, секако, ќе се најдеше на албумот, решив по неа да биде насловот на целиот проект. Инаку, песната е една од моите омилени македонски песни. На албумот се наоѓаат и песни од: Вања Лазарова, Васка Илиева, Кирил Манчевски, Бапчорки, песни од Кичевијата, песна од с. Истибања.

Избирајќи малку подзаборавени изворни песни во албумот, се нурнувате во предизвикот заедно со публиката одново да го разбудите непресушното богатство на македонскиот певец, да се нурнете подлабоко во непресушните извори на богатата ни ризница. Ве плаши или Ви олеснува предизвикот да ја одржувате рамнотежата меѓу честа и аманетот во остварувањето на таа цел?

– Изборот на песните што ќе ги изведам на концертот се сведуваше на тоа кои песни ме придружувале во текот на сите овие години во кои се занимавам со изведување македонска народна песна. Има некои песни што ѝ се попознати на јавноста, но моја желба беше да бидат застапени и не толку познати песни. Сметам дека во денешно време сѐ се сведе на 5-10 песни што буквално секој ги препеа, како да се тие единствените. Македонската ризница е пребогата, само треба малку да побараме и да се потрудиме. На тој начин ќе може да преживеат и другите македонски песни, приказни и судбини.

Не можеме, а да не го споменеме и Вашето годинашно претставување на фестивалот на фолк-песната „Фолк-фест Валандово 2024“, каде што песната со која се претставивте, „Го чекам аберот“, ја освои третата награда, а Вие ја добивте и наградата за најдобра вокална интерпретација „Никола Бадев“. Од каде и кога ли Ви „стаса аберот“ во врска со македонската традиционална песна? Чиј глас, чија инспирација Ве следи во непрекинатото патешествие низ македонската традиционална музика?

– Да, оваа година песната со која настапив, а чиј комплетен автор е г. Ристо Краповски, освои две награди, од кои едната, за мене, е од големо значење. Фолк- музиката не е исто што и традиционалната, па така и самиот начин на изведба на песните е многу поинаков и бара сосема поинаква поставеност на грлото. Јас сум му повеќе посветена на мојот правец, а фолк-песна за прв пат пред публика, официјално, отпеав минатата година, на „Фолк-фест Валандово“. Затоа наградата што ја понесов оваа година, наградата за најдобра вокална изведба, навистина многу ми значи.

Дали и Вашето срце чука во седумосмински такт? Како звучи музиката на Вашата душа?

– Моето срце чука во сите неправилни и правилни ритми. Најважно е мелодијата да е македонска.

„Имате ли веќе абер“ за она со што ќе се занимавате на креативен план во иднина?

– Од музиката не се откажувам. Иако имам ангажмани преку целата година со мојата матична институција, Ансамблот „Танец“, во слободните денови секогаш размислувам за некоја нова песна. Омилена активност ми е барањето низ старите музички материјали, на мојот стар компјутер или, пак, пребарувањето на Интернет, на некоја песна што не ја знам, а би звучела интересно и во мој стил. Во план сум да снимам видеозапис за некоја од песните што се наоѓаат на албумот „Те кажувајет, Илино моме“, а потоа да снимам уште еден албум. Но, најпрво ве очекувам сите на 10 септември, во Националната опера и балет, со почеток во 20:00 ч. Дојдете на македонска песна!

Фото: Панајоти Шапкаров