Интензивно се градат типски куќи за 41 семејство, во населбата Света Недела

73

Во штипската населба Света Недела, интензивно се градат типски куќи за 41 семејство, лица што долги години живеат во супстандардни услови, во објектите на старото Нервно одделение и во една куќа во центарот, која се распаѓа.

Ерол Адемов, советник за малцински прашања во Општина Штип, изјави дека со изградба на куќите, дом ќе добијат 260 лица, од кои половина се деца. Тој посочи дека куќите треба да бидат готови до Нова година, кога се очекува станарите да се вселат во нив.

– Она што ќе биде важно е тоа што ќе се направат договори со овие семејства, со што ќе бидат корисници на овие домови. Ќе имаат обврска да си ги плаќаат комуналните такси за потрошени електрична енергија и вода – појасни Адемов.

Тој истакна дека има четири типа куќи, со различна квадратура, а сѐ зависи од тоа колку члена има едно семејство.

Оние лица што се населени во објектот на старото Нервно одделение, а се од други градови или локации, не се наоѓаат на списокот и тие ќе мора и да ги напуштат старите објекти, со цел да се урбанизира и да се изгради булеварот „Партизанска“.

– Многупати интервениравме да го напуштат тоа место, со оглед на фактот дека ги нема во ниту една евиденција и да не очекуваат дека ако се тука, дека ќе добијат дом. Листата на станари ја направивме уште пред почетокот на проектот – нагласи Адемов.

Проектот за изградба на типски куќи за 41 семејство во Штип и за реновирање куќи во Берово е финансиски поддржан од фондовите на ЕУ.