Почина Љупчо Константинов (1946- 2024), најплодниот македонски композитор на филмска музика, кој, како што соопштија од Кинотеката на Македонија, заслужено го носеше епитетот „македонски Енио Мориконе“.
Тој беше автор на музика за многу играни, документарни, анимирани, ТВ- филмови, серии, драми и радиодрами. За своето музичко творештво како композитор на театарска и на филмска музика, Љупчо Константинов беше награден со повеќе награди: „Златна арена“ за оригинална филмска музика на фестивалот во Пула во 1986 г., за „Среќна Нова ‘49“; бронзена плакета „Милтон Манаки“ на фестивалот во Битола за истиот филм; три златни лаврови венци на Меѓународниот театарски фестивал во Сараево, за претставите „Електра“, „Шехерезада“ и „Фауст“; награда на критиката на вториот Интернационален фестивал во Мексико Сити, за најдобра музика за претставата „Шехерезада“; потоа на театарските игри во Прилеп, на фестивалот „Војдан Чернодрински“ ја доби награда за претставата „Старите фотографии“.
На тој фестивал ја доби наградата за животно дело, во 2018 г. Следната 2019 г., Друштвото на филмските работници на Македонија му ја додели наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, а во 2020 г., на фестивалот „Денови на македонската музика“, беше награден со највисокото професионално признание на Сојузот на композиторите на Македонија за долгогодишно значење и остварување во областа на музичкото творештво и музикологијата и ја доби наградата „Трајко Прокопиев“. И конечно, во 2023 г., Кинотеката на РС Македонија му го додели признанието „Златен објектив“ за особен придонес за македонската кинематографија.
Потоа следуваат цела серија долгометражни играни филмови во кои музиката на Љупчо Константинов е неизоставен дел: првиот е „Црвениот коњ“ на Столе Попов во 1981 г., па два филма на Стево Црвенковски – „Јужна патека“ во 1982 г. и во 1984 г. „Нели ти реков“, па споменатиот многунаградуван филм „Среќна Нова ‘49“ во 1986 г., во режија на Столе Попов, „Хај-фај“ на Владимир Блажевски, „Тетовирање“ на Столе Попов, „Македонска сага“ на Бранко Гапо, „Ангели на отпад“ во режија на Димитрие Османли, „Преку езерото“ на Антонио Митриќевски и во 1999 г. „Време живот“ на Иван Митевски.