Повредите се најголем непријател на спортистите, кои наместо да го покажат сиот свој потенцијал, тие мора предвреме да се откажат од најголемите дострели. Токму тоа му се случи и на Грег Оден, кој во 2007 година, кога беше драфруван во НБА лигата, го најавија ѕвезда во подем и еден од најперспективните кошаркари.
Тој пристигна во најсилната лига на светот како прв пик на драфтот, но повредите го уништија и неговата кариера траеше исклучително кратко. Денеска може само да жали за се што се случи.
Високиот центар (213-сантиметри) доминираше на Универзитетот Охајо стејт, па Портланд Трејл Блејзерс реши да го избере како прв пик на драфтот во 2007 година пред Кевин Дурент. Но, веднаш потоа се случи целосен пресврт.
Оден веднаш го зафатија повреди. Тој беше под договор со Трејл Блејзерс и Мајами Хит седум години, но коленото го принуди да ја заврши кариерата.
Овој поранешен кошаркар ја пропушти шансата да стане НБА икона, а денес може само да замисли што можеше да стане. Она за што најмногу жали е фактот што многу полоши кошаркари земале многу повеќе пари од него.
Како пример Оден го зеде рускиот центар Тимофеј Мозгов, кој во 2016 година потпиша договор со Лос Анџелес Лејкерс за цели 64 милиони долари.
- Годината кога се пензионирав беше годината кога Тимофеј ги зеде тие 50 милиони. Во тој момент сакав да го убијам целиот свет, изјави Оден.
Како прв пик на драфтот, Оден имаше и добри бројки. Четири сезони во Портланд доби речиси 22 милиони долари на договор за дебитант, а потоа имаше уште два договори од нешто повеќе од еден милион долари. Денеска 36-годишниот Оден вреди околу 14 милиони долари. Очекуваше многу повеќе, но среќата му го сврте грбот. Оден одигра 105 натпревари во НБА. Просечно бележеше осум поени и имаше шест скока по натпревар.
Американскиот кошаркар ја заврши кариерата во кинеската лига во 2016 година, каде настапуваше за тимот на Џиангсу Драгонс.