Парламентарните избори донесоа кадровски промeни во дел од локалната самоуправа. Откако Собранието во вторникот ги изгласа мандатите на пратениците од новиот состав, по изборите на 8 мај, извесно е дека општините Аеродром и Сарај останаа без градоначалници, со оглед дека Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ и Блерим Беџети од ДУИ ги добија пратеничките мандати, а во членот 8 од Изборниот законик јасно е прецизирано дека функцијата пратеник е неспоива со позицијата градоначалник. Тоа значи дека граѓаните на Сарај и Аеродром ќе треба да гласаат на предвремени локални избори за градоначалник, кои, пак, треба да ги распишт институциите со оглед дека има повеќе од шест месеци до редовниот термин за локални избори кои се во октомври 2025 година. Предвремени локални избори се можни и во Гостивар доколку актуелниот градоначалник Арбен Таравари стане нов министер за здравство. Таравари ни денеска, до затворањето на весникот, не одговори на прашањето дали ја донел конечната одлука. Тој во телевизиско гостување рече дека размислува и дека набрзо во следните денови ќе одлучи дали ќе ја прифати функцијата министер за здравство која, како што рече, му ја предложил претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
За разлика од градоначалниците на Аеродром и Сарај, градоначалникот на Тетово Биљал Касами од „Вреди“ се откажа од пратеничкиот мандат и остана во локалната самоуправа.
Според досегашната практика на градоначалниците кои биле избрани за пратеници им престанува градоначалничката функција и се распишуваат предвремени локални избори, а премиерите и министрите кои се избрани за пратеници остануваат во извршната власт до изборот на нова влада.
Но, извори од преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, деновиве брифираа дека се размислува и за поинакво решение – по конститутивната собраниска седница меѓу првите закони кои ќе бидат предложени да биде измена на Изборниот законик. Целта е да нема предвремени избори за избор на градоначалник во случај ако тој е избран за пратеник или, пак, биде избран за министер, и на нивно место да се избере вршител на должност градоначалник.
Инаку, за разлика од градоначалниците, техничкиот премиер Талат Џафери, на 28 мај за време на верификацијата на пратеничките мандатите во Собранието изјави дека не може да има две функции во исто време. И од таа причина рече нема да учествува во работата на Собранието како пратеник сè до изборот на новата влада.
За разлика од Џафери сите министри на СДСМ кои се избрани за пратеници во собранието ќе ги напуштаат министерските ресори.
Сега, откако Македонија доби нов претседател, ново собрание и нов собраниски спикер, отворен е патот за избор на нова влада. Согласно роковникот, Африм Гаши како претседател на Собранието е должен да ја извести шефицата на државата Гордана Сиљановска-Давкова дека е конституиран парламентот, а таа има обврска во рок од 10 дена, односно меѓу 5 и 8 јуни да му го додели мандатот на Мицкоски за формирање влада, по што се очекува Македонија да добие нова влада до 20 јуни. Според роковите мандатарот Мицкоски, чија партија победи на изборите, новата влада треба да ја состави во рок од 20 дена, откако претседателката Сиљановска-Давкова ќе му го довери мандатот. (М.С. )
.