Градоначалникот на општината, Борче Митевски, вели дека е завршена првата фаза од градинката која се гради во дворот ООУ„Кочо Рацин“ во Петровец и оти Владата треба да и даде на општината 250.000 евра за нејзина комплетна доизградба, вклучувајќи и инвентар, како и партерно уредување околу објектот. За 15 до 20 дена, Општина Петровец ќе аплицира на повикот од Министерството за локална самоуправа за овие средства, за потоа да распише тендер за избор на изведувач кој ќе ја доизгради градинката. Се очекува таа да биде готова в година во мај. Во моментов се гради и спортската сала во дворот на подрачното ООУ „Кочо Рацин“ во селото Огњанци, која ќе чини 230.000 евра, а допрва ќе се работи и на пристапниот пат Катланово – Градманци во должина од 2,5 километри за кој Општината очекува 200.000 евра од Владата
Општина Петровец работи на реализација на неколку капитални проекти, но со финансиска поддршка од Владата.
Градоначалникот на општината, Борче Митевски вели дека е завршена првата фаза од градинката која се гради во дворот ООУ„Кочо Рацин“ во Петровец.
-Бирото за рамномерен регионален развој во реализацијата на оваа фаза учествува со 5 милиони денари, додека Општина Петровец со 3.000.800 денари. Карабината е веќе готова, а извршено е и примопредавање од фирмата изведувач „Гранит“ – објасни Митевски.
Тој нагласи дека Владата треба да и даде на општината 250.000 евра за комплетна доизградба на градинката, вклучувајќи и инвентар, како и партерно уредување околу објектот.
Како што информираше Митевски за 15 до 20 дена, Општина Петровец ќе аплицира на повикот од Министерството за локална самоуправа за овие средства, за потоа да распишат тендер за избор на изведувач кој ќе ја доизгради градинката.
Митевски очекува повикот да биде распишан во ноември, а истиот месец Општината би го распишала тендерот за избор на изведувач.
-За доизградба на градинката се доволни пет месеци. Ако градежните работи започнат во декември, се разбира зависно од временските услови, очекувам таа да биде завршена в година во мај – најави Митевски
Општина Петровец очекува да реализира уште еден проект со финансиска поддршка од Владата.
Се работи за изградба на пристапен пат од Катланово – Градманци во должина од околу 2,5 километри.
-До сега Општина Петровец направи 400 метри од овој пат. Сега очекуваме од Владата 200.000 евра. Чекаме Министерството за локална самоуправа да даде зелено светло за да можеме да аплицираме за нив – истакна Митевски.
Во моментов се гради и спортската сала во дворот на подрачното ООУ „Кочо Рацин“ во селото Огњанци, која ќе чини 230.000 евра.
Во салата ќе има кошеви и мали голчиња, а од страните справи за вежбање гимнастика. Исто така ќе има и соблекувални.
-Таа, пред сè, ќе биде наменета за учениците од ООУ „Кочо Рацин“ во Огњанци. Ние како Општина ќе ја предадеме салата на училиштето, па ако има заинтересирани училиштето може да ја изнајмува, но во вечерните часови – потенцираше Митевски.
Тој очекува спортската сала да биде завршена в година до мај.
(А.П.)