Град Скопје и Чучер Сандево ќе реконструираат дел од улицата „Александар Урдаревски“

51

Град Скопје и Општина Чучер Сандево, со воспоставување меѓуопштинска соработка, ќе ја реконструираат улицата „Александар Урдаревски“ на територијата на Општина Чучер Сандево.

Градските советници, на седницата што ќе се одржи в среда, ќе треба да ја аминуваат одлуката за воспоставување таква соработка.

Станува збор за потегот од крстосницата со улицата „Нов живот“ до обиколницата.

Град Скопје, во остварувањето на оваа соработка, ќе учествува со издавање решение за реконструкција на улицата и со обезбедување на сите потребни документи за одобрување анекс на основниот сообраќаен проект за утврдување режим на сообраќај. Општината Чучер Сандево, во остварувањето на оваа соработка, ќе учествува со финансиски средства во износ од 6.291.766 денари и со обележување на новореконструираната сообраќајница со хоризонтална и со вертикална сигнализација.

Град Скопје веќе го има одобрено основниот сообраќаен проект за режим на сообраќај, на потегот од влезот во гробиштата „Бутел“ до граница на ГУП на Град Скопје 2012-2022 година, а се одобрени и средства во износ од 6.291.7660 денари, обезбедени од Министерството за транспорт и врски, преку Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, преку Програмата за поврзување на локалните патишта.

Инаку, Град Скопје изврши реконструкција на улицата „Александар Урдаревски“, на потегот од влезот во градските гробишта „Бутел“ до улицата „Нов живот“, при што камената коцка е заменета со нов асфалт.

(А.П.)