Општините веќе почнаа да ги доставуваат проектите согласно со објавениот јавен повик за поддршка од Владата.
Град Скопје достави 20 проекти во повеќе области, со фокус на подобрување на јавниот превоз, развој на градската патна инфраструктура, противпожарната заштита, јавната хигиена, информациските технологии и дигитализацијата, како и од областа на културата. Градските власти ќе бараат од Владата финансиска поддршка за набавка на 80 еколошки ЦНГ-автобуси и за 15 електрични автобуси, додека во областа на противпожарната заштита, Град Скопје аплицираше за обезбедување финансиски средства за нови противпожарни возила.
Во сферата на урбанизмот и развој на патната инфраструктура, Град Скопје аплицираше со проекти за реконструкција на улицата „Беласица“, изградба на булеварот „Македонско- косовска бригада“ – од раскрсницата со булеварот „Никола Карев“ до раскрсница со булеварот „Босна и Херцеговина“, потоа кружен тек на улицата „Ѓорче Петров“ со булеварот „Македонска војска“, кружен тек на булеварот „Александар Македонски“, изградба на кружни текови на булеварот „Двнанаесетта македонска бригада“, реконструкција на булеварот „Србија“ и проект за надградба на постојната градежна механизација.
Од областа на комуналните дејности, Град Скопје поднесе проекти за зајакнување на капацитетите на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, како и за реконструкција на стаклениците за производство на садници. За секторот Култура и спорт, Град Скопје аплицираше со проекти за реконструкција на планетариумот и изведба и поставување трим тартан атлетска патека по должината на кејот на реката Вардар.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува успешно да заврши овој процес и изјави дека само во текот на вчерашниот ден 10-12 општини поднеле апликации. Инаку, утре истекува рокот до кога треба општините да го пополнат апликативниот формулар за јавниот повик за реализација на проекти во вкупна вредност од 250 милиони евра, кој го распиша Министерството за локална самоуправа.
– Очекувам денеска тој процес да се забрза и да заврши успешно. Потоа следува евалуацијата, да видиме со што располагаме и потоа започнуваме со реализација на ветеното – рече Мицкоски.
Проектите што ќе бидат прифатени ќе мора потоа да бидат одобрени од Владата.
(А.П.)