Ѓорѓиевски: Начинот на кој се врши евалуацијата спречува манипулации!

22

– Сметам дека со овој процес, каде што точно се знае по бројот на жители во одредена општина колку средства ѝ следуваат, е оневозможено да се фаворизира некоја општина или да се врши партиски реваншизам, на што често бевме сведоци во минатите години, особено кога беа градоначалниците од ВМРО- ДПМНЕ, а централната власт беше од СДСМ – истакна градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, додавајќи дека тоа што сите општини аплицирале со 357 проекти, укажува на добрата подготвеност и на сериозноста со која се настапува

 

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, уверува дека начинот на кој ќе се врши евалуацијата на проектите и целиот досегашен процес за доделување средства за општините спречуваат манипулации кои, како што вели, биле честа појава во минатото.

– За разлика од минатото, во овој процес на евалуација и начинот на кој е најавено од премиерот да се врши целиот процес за избор, односно оценување на проектите што би можеле да бидат поддржани од ресорните министерства, спречува манипулации како што било тоа случај во минатото. Поточно, спречува фаворизирање одредени општини на сметка на другите. Сметам дека со овој процес, каде што точно се знае по бројот на жители во одредена општина колку средства ѝ следуваат, е оневозможено да се фаворизира некоја општина или да се врши партиски реваншизам, на што често бевме сведоци во минатите години, особено кога беа градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, а централната власт беше од СДСМ – истакна Ѓорѓиевски, додавајќи дека тоа што сите општини, координирани од ЗЕЛС, аплицирале со 357 проекти, укажува на добрата подготвеност и на сериозноста со која се настапува.

Ѓорѓиевски информираше дека Општина Кисела Вода аплицирала со пет крупни проекти, за кои очекува дека ќе бидат избрани, додавајќи дека ова е одлична можност за реализација на капиталните инвестиции за сите општини и за Градот Скопје, кои аплицирале со квалитетни и издржани проектни документации.