Глоба од 3 до 5 илјади евра и одземање на возилото за оние што создаваат диви депонии

257

Ваквата иницијатива ќе значи ставање под контрола на загадувачите и нема да има апсолутно никаква толеранција за оние што ги создаваат дивите депонии.

– Навистина е доста и неблагодарно да се уништуваат чистата животна средина и здравјето на нашите жители. Ние нема да дозволиме нарушување на ликот на нашите општини – наведе претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, кој информираше дека ќе имаат средба за оваа законска интервенција, на крајот од оваа недела, со министерот за транспорт и врски, Александар Николоски и дека наскоро иницијативата ќе се најде и пред пратениците

 

Создавачите на диви депонии во иднина ќе се подзамислат дали ќе ја претворат секоја слободна јавна површина во дива депонија и ќе го фрлаат ѓубрето каде што ќе им текне.

Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) ќе поведе иницијатива пред Собранието – енормно да се зголемат глобите во Законот за комунални дејности за создавачите на диви депонии. Предлагаат казната да изнесува од три до пет илјади евра, како и одземање на возилото за создавачите на диви депонии. Според претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, во моментов казните се прениски, а депониите се зголемуваат.

Иницијативата едногласно е прифатена од градоначалниците на седницата на Управниот одбор на ЗЕЛС, која се одржа завчера, во Кавадарци. Според Ѓорѓиевски, ваквата иницијатива ќе значи ставање под контрола на загадувачите и нема да има апсолутно никаква толеранција за оние што ги создаваат дивите депонии. Притоа, апелираше на свесно и одговорно однесување.

 – Навистина е доста и неблагодарно да се уништуваат чистата животна средина и здравјето на нашите жители. Ние нема да дозволиме нарушување на ликот на нашите општини – наведе Ѓорѓиевски.

Тој оцени дека досега, како општество и како градоначалници, но и државните институции се занимаваат со последиците, а никој не се занимава со причинителите на тие последици и најави дека ќе имаат средба за оваа законска интервенција, на крајот од оваа недела, со министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.

– На тој начин, сметаме дека директно ќе интервенираме во однос на животната средина. Како градоначалници, постојано се трудиме да се справиме со оние малкумина што работат на штета на мнозинството, создавајќи диви депонии – изјави Ѓорѓиевски.

Тој се надева оваа иницијатива ќе наиде на слух кај сите пратенички групи, бидејќи наскоро ќе се најде во Собранието. Веќе било разговарано со министерот Николоски, кој, како што рече Ѓорѓиевски, изразил силна волја да го поддржи ова барање на градоначалниците.

Како што објасни Ѓорѓиевски, оваа иницијатива потекнала од в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.

(А.П.)