– Таму единствено можат да се садат градинарски култури. Го поништив ДУП-от, според кој требаше да се градат 99 згради и јас сум првиот градоначалник во независна Македонија што распишал меѓународен конкурс за заедно со граѓаните да се креира ликот на „Расадник“. Така што ниту еден пожар ниту каква било непогода може да влијаат на мојата намера граѓаните, заедно со експертите, да го креираат и да го изберат новиот ДУП. Јас стојам заедно до интересите на граѓаните – дециден е градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски
Пожарот што го зафати вчера „Расадник“ во Кисела Вода, кој, за среќа, беше изгаснат, предизвика дилеми кај дел од околните жители дали, можеби, е намерно и тенденциозно подметнат за потоа да се градат згради. Прашуваат кој и зошто го запалил „Расадник“, дали има некој корист од тоа и дали ќе никнат нови згради, па некој го исчисти теренот.
– Страшна глетка! Имам доверба и посакувам да не е изгласан некој нов проект за нови згради или фотоволтаици како што коментираат повеќето граѓани, предизвикани од глетката на пожарот. Се надевам, ќе го обновите со нови стебла единственото парче земја на два километра од центарот – коментира Гордана Котеска на социјалните мрежи.
Други, пак, предлагаат секој младинец да насади садница заедно со градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Воедно, граѓаните биле сведоци на пожарот, па велат дека ситуацијата била толку алармантна што била викната Пајак-службата да ги тргне паркираните возила за да може да помине противпожарното возило.
Градоначалникот Ѓорѓиевски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, нагласи дека се неосновани сомнежите со оглед на тоа што, како што рече, таму нема услови за градење и нема донесен детален урбанистички план.
– Таму единствено можат да се садат градинарски култури. Го поништив ДУП-от, според кој требаше да се градат 99 згради и јас сум првиот во независна Македонија што распишал меѓународен конкурс за заедно со граѓаните да се креира ликот на „Расадник“. Така што ниту еден пожар ниту каква било непогода може да влијаат на мојата намера граѓаните, заедно со експертите, да го креираат и да го изберат новиот ДУП. Без грижи, никој повеќе нема да гради без план на опожарени површини. Јас стојам заедно до интересите на граѓаните – дециден е Ѓорѓиевски.
Од Град Скопје се понудија Општина Кисела Вода да го прифати предлогот за меѓуопштинска соработка за изградба на нов мега-парк на опожарената локација „Расадник“, како што велат, со цел облагородување на опожарениот простор и заштита на животната средина.
– На овој начин, жителите на Општината ќе добијат нов, зелен појас наместо запуштен простор, кој во моментов претставува опасност за животот и за здравјето на граѓаните – сметаат градските власти.
На тоа Ѓорѓиевски возврати дека би било добро скопската градоначалничка прво да го исчисти ѓубрето низ градот и да го доврши булеварот „Борис Трајковски“ кон Драчево и ЈП „Водовод и канализација“ да ги санира дефектите.
– Откако ќе видиме дека има каков било напредок, можеме да седнеме и да разговараме – нагласи Ѓорѓиевски.
Пожарот во „Расадник“ избувна вчера доцна попладнето, а беше опожарена површина со сува трева, грмушки, автомобилски гуми и дрвја. Во гаснењето на пожарот учествуваа осум противпожарни возила и 15-мина пожарникари. За среќа, нема повредени лица, но е причинета материјална штета.
– Пожарот се ширеше на повеќе страни, поради горливиот материјал, но не дозволивме проширување кон објектите. За кратко време беше ставен под контрола и беше целосно изгаснат. Нема повредени –изјави командантот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Звонко Томевски.
(А.П.)