Еврото ќе падне за седум отсто во однос на доларот до крајот на годината?

744

Американската банка Морган Стенли прогнозира дека еврото ќе падне за седум отсто во однос на доларот до крајот на 2024 година, бидејќи верува дека Европската централна банка (ЕЦБ) наскоро ќе ги олесни каматните стапки за да се справи со болната економија во еврозоната.

Банката очекува еврото да падне на 1,02 долари до крајот на годината, изјави во интервју нејзиниот шеф за девизна стратегија во Групата 10, Дејвид Адамс.

Тој предвидува дека Европската централна банка ќе продолжи да ги намалува каматните стапки на трите состаноци до крајот на 2024 година и дека постои потенцијал за значително намалување од 50 базични поени, повеќе отколку што сега очекуваат пазарите, пренесува Танјуг.

Позицијата на банката е во спротивност со аналитичарите на Блумберг кои предвидуваат спротивен тренд, односно раст на еврото до 1,11 долари до крајот на годината.

Дејвид Адамс претходно тврдеше дека американските избори во ноември ќе го поттикнат растот на доларот во однос на еврото. Растечката политичка несигурност во Европа сега ја зголемува неговата верба дека еврото ќе падне.

Во моментов центарот на вниманието е на Франција, но Адамс смета дека развојот на ситуацијата во Германија е донекаде загрижувачки за долгорочната политичка стабилност на регионот, пренесува Блумберг.

Според него, забавувањето на економскиот раст во Европа и политичката неизвесност сугерираат дека инвеститорите ќе бидат помалку подготвени да инвестираат капитал во овој регион.