ЕУ пред „егзистенцијален ризик“ – мора да ги зголеми инвестициите за дополнителни 800 милијарди евра годишно

99
EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Извештајот на поранешниот италијански премиер и шеф на Европската банка, Марио Драги за европската економија го вклучи алармот за Европската унија, пишува во анализата на „Политико“.

Европа мора да инвестира двојно повеќе отколку што инвестираше во реконструкција по Втората светска војна, да се дозволи на пазарот да влезат повеќе технолошки и телекомуникациски компании и нивно спојување и да се преземат драстични мерки во однос на трошоците за одбраната, рече Марио Драги.

Во извештајот за тоа како да се запре економскиот пад на континентот, поранешниот претседател на Европската централна банка (ЕЦБ) рече дека Европа треба да инвестира дополнителни 800 милијарди евра годишно за да се извлече од ниската продуктивност и слабиот раст, со што заостанува зад САД и Кина во меѓународниот поредок. Тој го нарече тоа „егзистенцијален предизвик“.

Додека ЕУ се подготвува за следните пет години под новоинсталираната Европска комисија, извештајот на Драги од 400 страници треба да биде водилка во работата на реизбраната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Многу од неговите препораки ќе треба да бидат прифатени од сите 27 влади на ЕУ, што не изгледа реално.

Проблемот дополнително се влошува со тешкотиите во двете најголеми земји во ЕУ. Германската економија е во надолна патека, а Франција е во средината на политичките поделби и оптоварена со висок јавен долг.

Драги, кој беше претседател на Европската централна банка (ЕЦБ) од 2011 до 2019 година, рече дека нема друга опција освен да инсистира на драстични реформи.

„Треба да ја напуштиме илузијата дека само одолговлекувањето може да го зачува консензусот“, рече Драги. Дојдовме до точка каде што, без акција, ќе мора да ја загрозиме или социјалната благосостојба или нашата околина или слободата.

Во центарот на извештајот на Драги е повикот за огромни приватни и јавни инвестиции, какви не се видени во Европа од 1960-тите и 1970-тите. Тоа би значело трошење дополнителни 800 милијарди евра годишно.

Зголемувањето на инвестициите би било „без преседан“, рече тој. Ако Европа не може да стане попродуктивна, ќе бидеме принудени да избереме. Нема да можеме одеднаш да станеме лидер во новите технологии, лидери на климатската одговорност и независен играч на светската сцена. Нема да можеме да го финансираме нашиот социјален модел, ќе мора да намалиме некои, ако не и сите амбиции“, рече Драги.

Тој се залага за издавање нов заеднички долг на ЕУ за финансирање на нејзините индустриски и одбранбени потреби, на што се противат неколку влади, а што веќе го доведе во конфликт со Фон дер Лајен. Тој призна дека темата е „многу чувствителна“.

Но, се чини дека има се поголем договор за потребата од реформирање на буџетот на ЕУ од 1,2 трилиони евра, пренасочувајќи ги средствата од посиромашните региони во Европа кон индустриските, политиката на дигитализација и иновации.

Извештајот содржи многу препораки специфични за различни сектори. Тој особено го истакна доцнењето на ЕУ во модерните технологии и предложи спојување на големите компании и нивно полесен влез на европскиот пазар. Драги истакна дека целта на Европа да ги намали емисиите на стакленички гасови на нула до средината на векот му нуди на блокот можност да гради и извезува чисти технологии низ целиот свет.

Тој ја гледа вештачката интелигенција како можност за Европа „да ги поправи своите недостатоци во иновативноста и продуктивноста и да го обнови својот производствен потенцијал“. Тој повика вештачката интелигенција да биде интегрирана „во нашите постоечки индустрии за да можат да останат во првите редови“.

ЕУ нема да може да обезбеди доволно бакар, литиум и други суровини доколку не ја следи насоката на Кина во стратегијата за пронаоѓање на оние важни метали потребни за дигитална и енергетска транзиција, вели Драги. На Европа и треба координирана стратегија која го покрива целиот синџир на вредности, од суровини до финални производи“, рече Драги.

Европскиот фармацевтски сектор заостанува зад САД поради малите инвестиции и нееднаквите регулативи, рече Драги. Американскиот приватен сектор троши 0,45 отсто од БДП за фармацевтски истражувања во споредба со 0,11 отсто во ЕУ.

САД се исто така многу побрзи во добивањето одобрение за нови лекови, со просечно време на одобрување од 334 дена во споредба со 430 дена во Европа.

Драги, исто така, сака Европа да се посвети на „новите иновации од светска класа“, како што се истражувањата во генетиката и медицината.