ЕСМ објави оглас за долгорочна набавка на електрична енергија за период од две недели, во кои на два пати авансно ќе се купува струја од набавувачи, во период кога има големи ценовни отстапувања на регионалната HUPX-берза, објави „Фактор“.
Огласот се однесува за периодот од 18 до 30 септември. За само 13 дена, се бараат 35.000 мегават-часови електрична енергија и досега е незапаметено да се купува толкаво количество во рок помал од две недели, во летните месеци. Наскоро се очекува да бидат објавени и имињата на снабдувачите што ќе бидат избрани.
– Ако се проверат актуелните цени на HUPX-берзата „ден однапред“, таму, овие денови, просечно мегават-час се продава по околу 120 евра. Ако останат овие цени, тоа значи дека „ЕСМ Продажба“ ќе плати за набавката калкулантски 4,2 милиони евра, што барем оваа година тоа не се случило ни одблиску – пишува „Фактор“.
„ЕСМ Продажба“ досега купуваше струја во зимскиот период, кога цените беа многу пониски и се движеа од помалку од 50 евра до околу 75 евра за мегават-час. Фирмата ќерка на ЕСМ купуваше струја и во летниот период, кога цените достигнаа и до 150 евра, но за разлика од актуелниот оглас, бараните количини беа многу помали.
Цената што ќе биде прифатена ќе важи за целиот период од 13 дена или, пак, снабдувачот ќе може да ја наплати по тековната цена на HUPX-берзата ден-однапред, плус трговската маржа.
Цените на струјата во регионот веќе неколку месеци се значително повисоки отколку во Западна Европа. Романија најави дека, заедно со Бугарија и со Грција, ќе побара од Советот на ЕУ исплата на компензација поради „многу повисоките цени“ на електричната енергијата во регионот на Југоисточна Европа, во споредба со оние во земјите од Западна Европа.
Од ЕСМ соопштија дека лошата кондиција на производните капацитети е причина за набавка на електрична енергија.
– Новото раководство се соочува со ненавремено завршени летни ремонтни активности во РЕК Битола и РЕК Осломеј и ниската кота на хидропотенцијалите чии акумулации се под просекот за овој период од годината заради лошото менаџирање на хидро ресурсите во изминатите неколку месеци. Набавката на електрична енергија, ќе му овозможи на ЕСМ АД да ги реализира плановите за подобрување на затекнатата состојба рудниците и хидроакумулациите како и потребни сервисни активности на постројките со што ќе се овозможи континуирано производство на електрична енергија во наредниот период, особено во претстојната грејна сезона – велат од АД ЕСМ.