Јаник Синер го освои првиот САД опен победувајќи го Тејлор Фриц во три сета, и целосно се распадна по мечот. Емотивно зборуваше за последниот период не само од кариерата туку и од својот живот. Откри дека е многу болен некој негов близок и токму оваа победа му ја посвети нему.
- Многу ми значи ова, бидејќи претходниот период од мојата кариера не беше воопшто лесен. Имам тим што ме поддржува секој ден и луѓе што се блиски со мене. Го сакам тенисот, многу тренирам, но, исто така, знам дека има живот надвор од теренот. Би сакал да ѝ ја посветам оваа титула на тетка ми, која навистина не се чувствува добро. Убави моменти со неа. Не знам уште колку живот има во неа и затоа имам една желба: на сите да им посакам добро здравје, но, за жал, не е можно тоа – изјави Јаник Синер во емотивното обраќање по натпреварот.
Италијанецот беше задоволен од својата игра, а кога беше прашан да спореди дали му е потешко освојувањето на титулата во Австралија или во САД, истакна дека е тешко да се споредува. Тој се осврна и на допинг-скандалот, кој сè уште го следи.
- Тоа е неверојатно чувство! Играв одличен тенис, особено од основната линија. И секако дека сум среќен за титулата. Тешко е да се споредува. Во Австралија почувствував големо олеснување, бидејќи никогаш не знаеш дали некогаш ќе стигнеш до најголемата титула таму. Имав многу тешкотии, поради добро познатата допинг-ситуација. Тука имав поголем притисок, растев од меч на меч и, конечно, стигнав до титулата – додаде Синер.