Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка претставува стратешки проект на источниот крак на Коридор 8, со кој значително ќе се подигне нивото на безбедност при патувањето во овој дел од државата. Неговата реализација е до крајот на годинава, а за навремено завршување на патот, пратениците треба да го изгласаат Законот за грант средства кој што се наоѓа во Собрание.

– За да го завршиме патот навреме упатувам јавно апел до сите пратеници да го изгласаат, бидејќи овој пат не е за политичките партии, овој пат не е за политичарите, овој пат е за сите граѓани – истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски кој заедно со премиерот Талат Џафери, министерот за земјоделство, Љупчо Николовски и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, извршија увид во изградбата на експресниот пат кој е со должина од 25,5 километри се гради во две фази.

Бочварски нагласи дека Владата инвестира сериозни средства во изградба и модернизација на целокупната патна и железничка инфраструктура, особено на Коридорот 8 каде инвестициите надминуваат 2 милијарди евра.

– Ние којшто сме тука од овој крај, најдобро знаеме колку беше запоставен североистокот, но и колку секојдневно се боревме во овие години, да токму се развива североистокот, да има градежна експанзија како денес и тоа што недостигаше во минатото, да се надомести во овие години. Колку што се радуваме и очекуваме што побргу овој проект да заврши, токлу се чудам зошто, на крајот, пред самото завршување со реализацијата на овој капитален проект од над 100 милиони евра, како дел од Коридорот 8, се наидува на една блокада од Собранието, односно од комисијата за финасирање и не се дозволува да истиот се заврши. Овој проект е интерс на граѓаните, на североистокот и веднаш треба да се донесе законот со кој се овозможуваат 14 милиони евра, грант за финализирање на овој проект. Верувам дека разумот ќе надвладее и дека оваа 2024 година граѓаните ќе го користат овој пат – изјави министерот Николовски.

Директорот Рустеми истакна дека ЈП за државни патишта продолжува да работи на сите капитални проекти и да ги засилува активностите на терен како што започнува градежната сезона.

– Изградбата на двата европски Коридори е приоритет на Владата и на ЈП за државни патишта. По движењето на Коридорот 8 инвестиравме во неколку проекти. Извршивме рехабилитација и на магистралниот пат Куманово – Страцин со должина од 32 километри која е од витално значење не само за регионот, туку и за целата држава. Исто така беше рехабилитиран и реконструиран патот од Ранковце до Крива Паланка во должина од 21 километар, а ја завршивме и реконструкцијата со рехабилитација и доградбатанаедна лента и на државниот пат Крива Паланка – Деве Баир во должина од 13 километри. Изработена е проектна документација за рехабилитација на државниот пат А2 обиколница на Крива Паланка, а во подготовка е тендерската документација за избор на изведувач и надзор – рече Рустеми.

(С.Бл.)