„Ефтиноќа во оваа скупоќа“

1412

Општина Гази Баба е побогата за уште еден новоотворен див „отпат“ карши „Бриколаж“, во кој сите жители на Општината можат да го однесат ѓубрето од своите домови таму. Станува збор за „Ранка Милановиќ“, некогашната установа за сместување деца со проблематично однесување, која со години е во руинирана состојба, преполна со ѓубре и урнатини, каде што бездомните лица седат и палат оган.

– Во склоп на овој „отпат“, како спас од жештините, се очекува да биде пуштен новиот базен, кој е опремен со разни реквизити, а моментално се полни со питка вода за пиење од пукната цевка на ЈП „Водовод“. За сите социјалци, капењето во базенот ќе биде бесплатно, а за другите – само 50 денари за цел ден, како што би рекле Ромите: ефтиноќа во оваа скупоќа – пишува Весна Стојановска на „Фејсбук“.

Во февруари годинава, Општина Гази Баба, со механизација, го исчисти просторот. Во текот на акцијата присуствуваше тогашниот технички министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, кој најави трајно решение за овој објект, како и за лицата сместени во него.

– Со жалење можам да констатирам дека повеќе од две години Владата и Министерството за труд и социјална политика не постапуваа по моите иницијативи за решавање на овој проблем и покрај бројните петиции и барања од граѓаните и од компаниите што функционираат во овој дел од Општината – нагласи градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

(С.Бл.)