Еден завел 20-годишна девојка и ја навел на проституција, друг ја рекламирал, трет ја развозувал по муштерии

2494

Како што објави полицијата, С.С. (46), П.Д. (25) и Ѓ.Љ. (29) се сомничат дека од февруари до јуни годинава, искористувајќи ги тешките услови во кои живеела, регрутирале дваесетгодишна девојка да се занимава со проституција, со цел да се здобијат со противправна финансиска корист. Претходно, кон крајот на мај, по три месеци во бегство, на белградскиот аеродром беа уапсени браќата Паниќ, кои доаѓале од Тиват. Тие беа на потерница, под сомнеж дека организирале синџир проституција под закрила на салон за масажа, кој бил разбиен уште во февруари, кога биле уапсени маж и жена, кои биле задолжени за комуникација меѓу клиентите и проститутките

 

Припадниците на Службата за борба против организираниот криминал – УКП, при српското Министерство за внатрешни работи, во соработка во Вишото јавно обвинителство, вчера изутрина, во Белград, изведоа голема акција, при што е уапсена криминална група од три лица за кои постои основано сомнение дека го сториле кривичното дело трговија со луѓе.

Како што објави полицијата, С.С. (46), П.Д. (25) и Ѓ. Љ. (29) се сомничат дека од февруари до јуни годинава, искористувајќи ги тешките услови во кои живеела, регрутирале дваесетгодишна девојка да се занимава со проституција, со цел да се здобијат со противправна финансиска корист.

МВР објави видео од нивното апсење, на кое се гледа како вооружени полицајци приоѓаат до  објектот во кој се наоѓаат осомничените и им става лисици на рацете на сите тројца. Потоа тие се однесени во полициска станица.

Според објавените податоци, С.С. стапил во емотивна врска со оштетената со цел да влијае на нејзините свест и волја и на тој начин ја регрутирал да се занимава со проституција. Потоа го ангажирал Ѓ.Љ., кој, според сомнежите, рекламирал на Интернет давање сексуални услуги. Третиот осомничен, П.Д., ја превезувал девојката и ја предавал на корисници на сексуални услуги. Парите од клиентите ги земал С.С.

Полицијата извршила претрес во становите на тројцата осомничени. Таму пронашла повеќе мобилни телефони и СИМ-картички, како и помала количина бела прашкаста материја, која била испратена на вештачење.

На С.С., П.Д. и Ѓ.Љ. им е одредена мерка притвор до 48 часа и, со кривична пријава, ќе бидат изведени во Вишото јавно обвинителство во Белград.

Инаку, за неполн месец, ова е второ апсење на трговци со луѓе во Белград. Кон крајот на мај, по три месеци во бегство, на белградскиот аеродром беа уапсени браќата Паниќ, кои доаѓале од Тиват. Тие беа на потерница, под сомнеж дека организирале синџир проституција под закрила на салон за масажа, кој бил разбиен уште во февруари, кога биле уапсени маж и жена, кои биле задолжени за комуникација меѓу клиентите и проститутките.

Синџирот на проституција изгледал така што осомничените рекламирале сензуални масажи, исклучиво за мажи. Цената на една масажа била од 3.500 до 10.000 динари. Со клиентите стапувала во контакт секретарката, осомничената С.Л., која закажувала „масажи“, а клиентите, по завршувањето на работата, им плаќале на девојките на рака. Девојките потоа ги носеле тие пари во пликови кај своите „газди“, најчесто во стан во Земун и во кафуле во Белград.

Услугите се давале во станови во Нов Белград, Земун и Белград на Вода, кои се во сопственост на таткото на осомничените Паниќ, соопшти тогаш Обвинителството.

При претресот на становите, најдени се повеќе докази, меѓу кои и роковници со евиденција на клиентите, како и на заработката.