Популарната сплитска пејачка Данијела Мартиновиќ и евровизиската музичка ѕвезда е веќе неколку дена во Македонија, а денес (четврток 16.01.) во македонската метропола одржа и голема официјална прес-конференција, преку која официјално го најави својот солистички концерт закажан за 14 февруари во МНТ.

Зошто токму во оваа сала? Данијела вели дека ова ќе биде малку поинаков концерт, нема да е од оние на кои ја навикнала публиката кога настапува на отворено на градските плоштади и во спортските хали. Но, тоа не значи дека нема да ја освои публика, по кој знае кој пат, со својот распеан глас, својата насмевка, со сето срце и својата препознатлива харизма.
– Ќе ги пеам сите добро познати песни кои ќе бидат во еден нов аранжман, на пример ако е евровизиската “Нека ми не сване“ поп балада сега ќе ја слушнеме во поинаква верзија, во малку побрз ритам. Доколку “Плеши са мном“ е за танцување сега ќе ја слушнете во поинаков помирен аранжман.

Секако дека и како такви песните нема да изгубат ништо од својата убавина, сè ќе си биде на свое место, но сè толку симпатично и мило, вели симпатичната Данијела, која додава дека во Скопје и Струмица (каде е кај едни свои пријатели) се чувствува навистина фантастично. Сите ја сакаат, а и таа нив, особено ги почитува македонските новинари кои секогаш покажеле интерес за нејзината кариера. Скопскиот концерт е дел од турнејата “Неописиво“ бидејќи пејачката вели дека токму сега се наоѓа во еден таков период од својот живот кој не може поинаку да го опише, туку само преку песната. Тоа е концепт кој ја поврзува музиката, поезијата и размената на силна енергија зачинето со Денот на виното и љубовта, со магичната атмосфера која ја дава сцената на Македонскиот народен театар гарантирајќи еден неповторлив спектакл преку нежните песни на нежната Данијела. Организаторот на овој концерт е “Ивентум“.

Дуле М.
фото:Н.Батев